Собранието ги усвои предлог заклучоците од СДСМ и ДУИ за францускиот предлог

Собранието со 68 гласа „за“ ги усвои предлог заклучоците поднесени од СДСМ и ДУИ по расправата за Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори со Европската Унија, предложена од страна на француското Претседателство со Советот на ЕУ.

Со усвоените предлог заклучоци и се даваат насоки на Владата за што може да преговара со Европската унија. На чинот на гласање не присуствуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од Левица.

Со заклучоците се бара безусловно почитување на јазичните, идентитетските, културните и историските особености на македонскиот народ. Се задолжува Владата, македонскиот јазик во преговарачката рамка  да биде наведен без какви било додавки и фусности и во текот на преговорите, да не прифаќа да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во преговарачката рамка.

– Билатералните прашања поврзани со билатералните договори за добрососедските односи кои не се директно поврзани со правото на Европската Унија и со Копенхашките критериуми за членство да не бидат одредници од кои ќе зависи отворањето и затворањето на поглавјата и кластерите во текот на пристапните преговори со Европската Унија, се наведува во заклучоците. Преговарачката рамка да се усвои веднаш на почетокот на пристапните преговори со Европската Унија, пред првата политичка Меѓувладина конференција, се вели во Предлог-заклучоците на Собранието.

Исто така, се задолжува Владата да го информира Собранието за конечно усогласената и усвоена Преговарачка рамка и другите документи што ги усвојува Советот на Европската Унија, како и редовно и континуирано да го информира Собранието за текот на пристапните преговори, вклучително и за процесот на скрининг и за одвивањето на меѓувладините конференции за пристапување на земјава во Европската Унија.

Како што се наведува во предлог-заклучоците, се задолжува Владата овие заклучоци да ги вгради во Отворачката изјава на Република Северна Македонија на првата Меѓувладина конференција со Европската Унија.

Расправата по Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка траеше три дена во македонското Собрание. Ситуацијата беше тензична со меѓусебни обвинувања и вербални дофрлања меѓу власта и опозицијата.

Во текот на денешната расправа, пратеникот Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека изминатите три дена е јасна разликата и „многу е јасно кој е предавник, а кој ги брани интересите на државата“.

– Да не се лажеме, едностраната декларација на Бугарија ќе биде дека не зборуваме македонски јазик, туку дека говориме кодифицирана јазична норма на бугарскиот јазик, односно бугарски дијалект. Во однос на таканаречените годишни прегледи и мерки за ефективно спроведување на член 12, бараме да се избрише обврската, историјата и бугарското толкување да ни е јакмка околу вратот на напредокот на државата, рече Николоски и побара да не се дели меѓувладината конференција и да нема промена на Уставот.

Пратеничката на СДСМ Снежана Калевска Ванчева обраќајќи им се на пратениците од опозицијата рече дека жали што опозицијата не успеала да се надмине себеси и да подаде рака за заеднички да направат нешто што државата ќе ја води напред.

– Дали е ова идеален предлог? Сигурно не. Дали имаме вековни проблеми со Бугарија? Да. Овој народ овде имал многу премрежја, но треба ли уште да војуваме? Не треба да градиме мостови? Треба да ги рушиме? Јас сакам да градам мостови, за мене, за моите деца, за моите внуци, за моите граѓани. Истото тоа го сакаат и моите пратеници, мојата партија, рече Калевска Ванчева.

Пратеникот од Левица, Борислав Крмов, обраќајќи се до помалите политички партии кои се дел од владејачката коалиција, им порача дека сега имаат можност да ја напуштат Владата и да одбијат да го изгласаат францускиот предлог.

Пратеникот Јован Митрески од СДСМ пред гласањето на Предлог-заклучоците порача дека со нив Владата се обврзува да ги почитува јазичните, идентитетските, историските и културните особености.

Документот што ВМРО-ДПМНЕ деновиве го кине јасно наведува дека пратениците се обврзуваат и ја обврзуваат Владата за достојно да ја почитуваат определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот јазик, е тоа ВМРО-ДПМНЕ го искинаа, рече Митрески.

Денешната собраниска седница ја следеше и евроамбасадорот Дејвид Гир.