
Православните верници утре го одбележуваат Велигден – празник исполнет со радост, семејна атмосфера и богата трпеза. По долг период на пост, прекинувањето на постот има посебно значење, па изборот на храна треба да биде внимателен, за организмот полесно да се навикне на посилна исхрана.
Традиционално, првиот залак на Велигден е варено јајце, кое го симболизира новиот живот и воскресението. Најчесто се избира црвено јајце, кое има посебно место во обичаите и се смета за симбол на празникот.
По јајцето, се препорачува оброкот да започне со полесна храна. Супа, најчесто пилешка или телешка, е добар избор бидејќи го подготвува желудникот за остатокот од трпезата. Потоа следува варено или печено месо, како пилешко, мисиркино или јагнешко, но во умерени количини.
Експертите предупредуваат дека честa грешка е веднаш да се консумира тешка и масна храна. Иако печењата, салатите и другите специјалитети се неизбежен дел од празничната трпеза, со нив не треба да се претерува, особено на првиот ден, бидејќи организмот може бурно да реагира по период на воздржување.
Добар избор се и млечните производи, како сирење и кајмак, како и свежи салати кои го олеснуваат варењето. Комбинацијата од протеини, растителни влакна и умерени масти овозможува постепено враќање на телото во нормален режим.
Што се однесува до десертите, и тие се дел од празничното уживање, но и тука важи правилото на умереност. Парче домашен колач или торта е доволно за да се заокружи оброкот без дополнително оптоварување.
Најважно е прекинувањето на постот да не се претвори во претерување, туку во уживање во вкусот, традицијата и времето поминато со најблиските.