Домашната музичка сцена уште еднаш покажа дека македонските изведувачи можат да привлечат бројна публика и да создадат атмосфера која долго ќе се памети.
„Дупер“ синоќа го исполнија Античкиот театар во Охрид до последното место, приредувајќи концерт исполнет со енергија, емоции и хитови што публиката ги пееше во еден глас.

Еден од највпечатливите моменти на вечерта беше изведбата на песната „Сладолед“, кога членовите на бендот фрлаа сладоледи кон публиката, предизвикувајќи воодушевување и дополнително разгорувајќи ја атмосферата. Во текот на концертот, Античкиот театар се претвори во вистинско „ѕвездено небо“, кога присутните ги запалија светлата на своите мобилни телефони за време на емотивните песни, создавајќи незаборавна глетка.

Како специјални гости на сцената настапија Пере Нокаут и Јанг Дади, кои беа пречекани со силен аплауз и заедно со „Дупер“ ја кренаа атмосферата на уште повисоко ниво.
Концертот e уште една потврда дека домашните бендови имаат публика која знае да ги поддржи и дека квалитетната македонска музика може да ги наполни и најголемите концертни сцени.