Со какви мисли го градите својот живот?

„Внимавај на своите мисли, затоа што тие стануваат твои зборови. Внимавај на своите зборови, затоа што тие стануваат твои дела. Внимавај на своите дела, затоа што тие стануваат твои навики. Внимавај на своите навики, затоа што тие стануваат дел од твојот карактер. Внимавај на својот карактер, затоа што тој станува твоја судбина...“

Со какви мисли вие го градите вашиот живот и ги надополнувате деновите? Дали наутро се будите лути и огорчени на целиот свет, дали кукате и си зборувате сами со себе? Дали постојано се жалите дека ништо нема смисла и плукате по системот?

Надежта ви е најлош непријател, исто како и вистинската среќа кога другите ќе успеат во нешто? Знаете ли во тие моменти да ги поддржите, пофалите или да се радувате за нив? Или одмавнувате со раката, ги набројувате сите други негативни начини за кои сте убедени дека биле искористени од страна на тие луѓе за да можат да успеат во тоа што го постигнале?

Не верувате дека зад сето тоа стои труд и огромна волја, затоа што вашата љубомора ви ги затвора очите и ви прави уште поголема горчина на душата? Упорно се обидувате да се истакнете, мислејќи дека сте подобри и понапредни од другите? Дури кога силно ќе треснете на земја сфаќате дека сте исти како и другите. Затоа што не сте научиле да ги скротите вашите пориви, не сте научиле како да се ослободите од лутината, да ја избришете љубомората и да се препуштите на промените.

Вистината е дека со своите мисли и постапки ние го откриваме нашиот карактер.

Доколку сме огорчени и љубоморни, шириме негативна енергија, ние само им покажуваме на другите колку сме оддалечени од себе и колку сме слаби. Покажуваме дека ние воопшто не го применуваме она што цело време им го проповедаме на другите.

Не си го чистиме сопствениот двор и не обрнуваме внимание на нечистотијата на нашата душа. Не можеме да го направиме тој чекор понапред и да го дочекаме тоа подобро утро, сѐ додека не престанеме да го храниме она што нѐ руши.

Трудете се секогаш на позитивен начин да ги градите своите мисли. Наместо: „Не можам“, обидете се да кажете: „Јас можам, можам да бидам сѐ, можам да ги откријам своите бои и да ги остварам своите соништа.“

Морате да ги менувате своите мисли. Морате да престанете секогаш да го гледате негативното во сѐ она што ве опкружува. Не можете во другите да го видите она што не го поседувате во себе, а го гледате она што вие мислите дека сте. Не можете дека промените туку-така ќе дојдат и дека животот за миг ќе се промени, баш онака како на филм. Тоа нема да се случи. За тоа се потребни години поминато во самоспознавање и навлегување во сржта на проблемот. Откривање на стравовите за да можеме да пронајдеме начин да се изразиме без да ги поттиснуваме другите. Разбивање на илузиите за животот каков што мислиме дека живееме, додека се чудиме зошто сѐ уште тапкаме во место. Некаде одвнатре запнало. Некаде сте го напишале погрешниот код, не сте верувале во она што го правите или зборувате.

Дури откога нашите мисли, зборови и дела ќе се претопат во едно, кога ќе се синхронизираат и кога ќе станат кристално јасни, дури тогаш ќе можеме да го привлечеме она што го сакаме, затоа што ќе станеме она што го сакаме. Тогаш веќе сме стигнале до степен кога сме се ослободиле од егото, од сите лажни надежи и илузии.

Сѐ што имате, вие го носите во себе. А она што го гледате е одраз на она што го имате во себе, она што моментално сте вие самите. Секако, тука најважен е зборот „моментално“. Затоа што сите ја имаме можност да се промениме на подобро, да се ослободиме од лошото и да создадеме нешто поубаво. Кога ќе помислите на нешто лошо, обидете се веднаш да ја замените  таа мисла со нешто позитивно и сетете се на нашето што ви измамува насмевка на лицето.

Ако мислите ви се убави, тогаш ќе споделувате убави зборови со другите и ќе ги поттикнувате и тие да бидат позитивни. Нема да им судите на другите, туку ќе го цените нивниот мир и приватност. Нема да го очекувате невозможното и ќе го давате она што сакате да ви се врати. Во тоа е убавината на животот, во тоа се наоѓа мирот.

А оној кој ќе го пронајде тој мир, ќе ужива во животот и во благосостојбата на душата. Судбината ќе му биде полна со среќа, радост и добри луѓе, затоа што и тој самиот го споделува доброто со другите. Немојте да бидете скржави, немојте да судите ако не сакате да ви судат. Сѐ она што го правите ќе ви се врати како бумеранг. А една мала позитивна мисла е доволна за да се вгнезди во вас за сѐ да се промени на подобро.

Еден убав збор и убав гест покажуваат дека се грижите за да направите промена во светот и им покажувате на луѓето дека има на кого да се потпрат. Постојат луѓе кои сметаат дека не губат ништо од својата душа доколку тоа несебично го споделат со другите.

Обидете се да бидете позитивни и да учите да живеете, отворајќи ја вратата од својот живот, за низ неа да влезат нови искуства, а истовремено засекогаш затворете ја вратата пред лицето на вашите стравови.