Со годините избираме помалку луѓе, но подлабоки односи

Постои момент, кој не доаѓа одеднаш и не е врзан за конкретна возраст, кога човек почнува појасно да ја чувствува тежината на сопственото време.

Photo by Matt Bennett on Unsplash

Не како страв од минливост, туку како јасно сознание дека енергијата не е бесконечна и дека не може повеќе да се троши на односи што постојат само по инерција, на луѓе кај кои довербата постојано мора да се докажува или на врски и односи што повеќе земаат отколку што даваат. Тоа сознание не доаѓа од цинизам, туку од замор кој со годините станува искуство кое сѐ повеќе и повеќе нѐ троши.

Како што старееме, престануваме да го доживуваме животот како нешто што мора да се пополни со присуство по секоја цена. Се губи трпението за еднострани пријателства, за разговори во кои се вложува повеќе отколку што се добива, за врски во кои постојано се балансира за да не се наруши туѓата удобност. Наместо тоа, се јавува потреба за јасност, но и за односи во кои не мора да се глуми стабилност, ниту да се прикриваат сомнежи, ниту да се оправдува сопствената чувствителност.

Истовремено, се менува и односот кон надворешниот впечаток. Со текот на времето, станува сè помалку важно како изгледа приказната однадвор, а сè поважно како се чувствува одвнатре. Луѓето почнуваат да се откажуваат од одржување на стари наративи само затоа што постоеле долго, и одржување на врски само затоа што имаат историја. Во тие случаи, минатото само по себе престанува да биде аргумент, ако сегашноста е празна или исцрпувачка.

Она што постепено излегува во прв план се односите засновани на автентичност, присутност и взаемно издигнување. Тоа не се  совршени односи, туку такви во кои има простор за вистинско присуство, за одговорност и за меѓусебна грижа без услови. Овие врски не бараат постојано објаснување, ниту доказ за сопствената вредност, туку се темелат на јасна размена на почит и внимание.

Оваа промена не е романтична, ниту идеалистичка, таа е практична. Произлегува од фактот дека со годините животот станува поскапоцен не затоа што е пократок, туку затоа што конечно учиме каде навистина вреди да се вложи. И токму во тој избор, кој повеќе не се води од навика или страв од загуба, туку од јасно чувство за сопствените граници, се наоѓа една од најреалните форми на зрелост.