Со еден клик може да проверите каде и кој гради во Центар

Живееш во општина Центар и не знаеш дали сабајле ќе те разбуди багер? Веќе е можно да дознате со само еден клик, благодарение на Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“. 

- Уште кога Шанса за Центар ги доби мандатите во Советот на Општина Центар, побаравме да се направи мапа на издадени и побарани градежни дозволи. Арно ама, општинската администрација е зафатена со попаметни работи и немаше време ни да ни одговори, а камо ли да ја изработи. Бидејќи ние немавме попаметна работа, се фативме за мотика и ја направивме сами! Ни требаа неколку месеци, ама успеавме! Кога поднесовме амандман со барање да се објават овие податоци, ни го одбија. Наводно, требало да се провери дали овие податоци смеат да бидат јавно објавени. Изгледа уште проверуваат!, велат од оваа иницијатива. 

-Ако ние како граѓани на време дознаеме што се планира да се гради во наше маало, ќе имаме време да реагираме. Така ќе можеме да го намалиме ризикот од корупција (кај народот познато како полнење нивни џебови со наши пари). Повеќе нема да можат така лесно да ги заобиколуваат законите и правилата и да прават неповратна штета во наше маало, појаснуваат од „Шанса за Центар“. 

Кликнете на мапата за да видите каде, за какви објекти и за кои инвеститори годинава, но и претходно, се издадени градежни дозволи. Локациите се мапирани од најновите кон постарите, според датумот на Службениот гласник кога се објавени.