Со #ДонирајКомпјутер, деца и ученици учат за другарство, одговорност и хуманост, ни открива Борче Стаменов

Социјалните мрежи во последните години се покажаа како место каде може да се роди идеја, иницијатива, да се сподели со публика, но и да се помогне на загрозени категории на граѓани. Твитер е едно од местата каде благодарение на хаштаговите, овие мисии брзо добиваат следбеници, помошници и се доаѓа до корисниците на кои им е потребна таа помош. 

Борче Стаменов веќе ни е познат на сите, а неговата мисија да обезбеди компјутери за што повеќе семејства кои не можат да си ги дозволат секојдневно му носи награди и признанија за хуманоста. Тој за Скопје Инфо открива дека очекува уште поголема медиумска експонираност на #ДонирајКомпјутер, но и дека донаторите сè повеќе јавно ќе донираат, за да мотивираат и други да го прават тоа. 

На користените компјутери и опрема, со многу љубов и посветеност, Борче и неговите Дејан, Жике и Драган, им даваат нов живот и ги препуштаат на оние кои најмногу им се потребни – семејства кои самите не можат да си дозволат да купат компјутер или да го поправат стариот. 

Постои ли клучен момент кој беше одлучувачки да ја започнеш иницијативата #ДонирајКомпјутер?

Идејата како таква секогаш ми се мотала во глава. Морам да признаам дека никогаш не ја замислував во обем кој што го има денес. Домашното воспитување има голем дел во градењето на мојот карактер. Моите секогаш помагале и никогаш не се срамеле да побараат помош кога таа би им затребала. Тоа е и цела суштина на иницијативата.  #ДонирајКомпјутер можам комплетно да им ја припишам на моите родители. Моментот кој беше пресуден да отпочнам некаква иницијата со која би помогнал на моите сограѓани се случи додека бев на работа во фирмата каде сум вработен веќе 21 година. Нашите клиенти кои набавуваа нови уреди ги оставаа старите. Како пресно вработен, ги чував тие компјутери и на нив вежбав и учев. Тогаш дојде една мајка која побара половен компјутер за нејзините дечиња. Поправив еден, го однесов и од среќата во детските очи се роди идејата за #ДонирајКомпјутер. 

Дали е тешко да се менаџираат дневните активности, со оглед на тоа што целата мисија се заснова на волонтерски активности? 

Зависи колку си упорен и сериозен во намерата. Ја сум инаетчија по природа и ако започнам некоја работа не ја оставам додека не ја завршам. На пример, првите 4 години цела иницијатива за спороведував сам. Од комуникација со донатори и приматели, до дијагноза, поправање, пакување и праќање на пратките. Нормално, работните обрврски секогаш доаѓаа пред иницијативата. И никогаш не ми фалеше време за останатите дневни активности. Си зададов цел да помагам, но притоа да не се изгубам себеси. Потоа во тимот се придружи Дејан Милачески со кого ја завршивме шестата сезона и бевме упорни до 31.12.2020 да донираме 600 компјутери. Сега сме поголем тим на волонтери кои уживаат во времето поминато во нашите канцеларии. Жике Коцев и Драган Ризов се тие кои први доаѓаат, а последни си одат. Или појасно кажано и тие се заразија со мојата “болест”. Тимот се состави со соработката која ја оствариме со техничкото училиште „Киро Спанџов – Брко“ од Кавадарци со кое потпишавме меморандум за соработка и двапати неделно ни доаѓаат нивни ученици на практична обука. Со тоа #ДонирајКомпјутер доби и едукативен карактер кој не е едукативен само во техничка смисла. Учениците овде учат и за другарство, одговорности и хуманост! 

Дали Борче, со #ДонирајКомпјутер си ги задава целите однапред или нештата се одлучуваат тековно?

Скоро никогаш не планирам однапред. Или ако планирам тоа е за 2-3 дена во иднината. Тој начин на работа засега одлично функционира и не планирам да го менувам.

Кои се најголемите предизвици со кои овој вид на активизам се соочува на дневно ниво?

Без разлика кој што ќе рече, но ваквите иницијативи треба да се повеќе експонирани во медуимите. Малата експонираност носи мал број на донации. Според МОН, во државата пред две години имаше околу 40000 семејства кои немаа ИТ уред. Ние тој број за помалку од две години го спуштивме на 38500 семејства. Кога повеќе луѓе и компании би знаеле за ваквите иницијативи, верувам без сомнеж, ќе се вклучат да помогнат. Ние сме сега официјално здружение и обезбедуваме и документација која би им била потребна на компаниите пред се. Секој кој донира, ние го охрабруваме донацијата да биде јавна. На тој начин, со експонирање преку медиуми, секоја приказна добива свој посреќен крај.  На тој начин, #ДонирајKомпјутер се здоби со зголемен број на донирани компјутери, а поради нашата траспарентност и со огромна доверба кај сите. Тука нормално ќе ви заблагодарам и Вам, што секој наш повик го пренесувате на вашите читатели и на тој начин ни давате огромна поддршка!

Постои ли некоја конркетна случка или цел, која никогаш нема да ја заборавиш и која ти е водечка сила за да продолжиш со #ДонирајКомпјутер?

Такви случки има безброј. Луѓето кои добиваат донација од нас, понекогаш на свој креативен начин се заблагодаруваат. Честопати тоа се сликички на кoи е нацртан тимот на #ДонирајКомпјутер, некогаш се неколку стихови напишани од најмладите, некогаш стигнува чоколада или лименка пиво со ливче на кое е напишана благодарноста што сме им се нашле кога им било потребно. Има случки каде луѓето каде сме пратиле компјутер го враќаат назад, затоа што добиле друг на подарок. На сите тие вратени компјутери стои една иста порака: „Испратете среќа на друго место како што ни пративте и нам“. И тука лежи и цела суштина на #ДонирајКомпјутер која на почеток беше наречена - Од нас, за нас!