Снежана Тунеска, матурант во „Нова“: Американскиот академски систем ме привлече кон престижниот универзитет во Северна Каролина во Чапел Хил

Минала низ шестмесечен процес на аплицирање на факултети низ целиот свет и матурантката Снежана Тунеска од меѓународното училиште „Нова“ е примена на една од највисоко рангираните образовни институции во светот – University of North Carolina во Chapel Hill.

Вели дека во тек на овој период минала низ многу прифаќања и одбивања, разочарувања, но и моменти на екстатичност и еуфорија. Сепак, упорноста се исплатила и во август се сели во сосема нова држава каде ќе се насочи кон машинското инженерство.

- Откако го напишав мојот прв истражувачки труд за комбинаторни докази во математика и добив два одобрени записи на OEIS (The On-Line Encyclopedia of Integer Sequences) преку програмата Pioneer Academics, за првпат го искусив ригорозниот академски систем во Америка и се уверив дека сакам да станам дел од него преку University North Carolina во Chapel Hill. Тоа што го прави овој универзитет навистина посебен и уникатен се истражувачките можности, современите лаборатори и иновативниот пристап кон наставата, карактеристики кои ги нудат сите високо рангирани универзитети во Америка – вели Снежана.

На колку факултети аплицираше, каде беше примена и какво беше севкупното искуство на чекање на одговор од овие универзитети?

Аплицирав на петнаесет факултети и за четири стипендии. Имав три интервјуа и седум приемни испити. Доживеав многу прифаќања и одбивања, разочарувања, моменти на екстатичност и еуфорија. Но, во август ќе се преселам во само еден град. Долгиот и макотрпен процес на подготовка на апликациите кулминираше кога си обезбедив место на еден од триесетте најдобри универзитети во светот. Мојата упорност конечно даде резултат, како шлаг на торта. Примена си и на факултети во Британија и Холандија, но одлучи да одиш преку океанот. Тоа е голем чекор за една млада девојка па што беше клучниот момент да ја донесеш одлуката? Одлуката за тоа каде и што ќе студирам ме следи уште од самиот почеток на моето гимназиско образование, па дури и порано. Бидејќи сè уште го чекам одговорот за стипендијата која би ми овозможила да студирам преку океанот, си оставам повеќе опции отворени, вклучувајќи ги студиите во Холандија, Британија и Германијa. Но, знаејќи дека сум личност која брзо се адаптира и стреми кон успех во секоја област, уверена сум дека без разлика каде ќе одлучам да студирам, не можам да направам погрешен избор.

Ќе студираш машинско инженерство. Вообичаено во овие полиња, жените се помалку застапени. Како кај тебе се роди љубовта за оваа научна сфера и зошто реши дека ова треба да биде твојата професија?

Фактот што сум девојка воопшто не играше улога во мојата одлука да студирам инженерство. Земајки во предвид дека моите родители се професори по математика во областа на машинското и електричното инженерство, покрај моите кафени очи, од нив ја наследив и нивната љубов кон науката и истражувањето. Мојата љубов кон оваа сфера исто така е поттикната од моето искуство како практикант, каде што имав можност да ја следам работата на машински инженер во фабриката SKF во Берлин, Германија. Деновите поминати таму ја заскокоткаа мојата љубопитност и понатаму го зацврстија моето убедување дека инженерството е професијата за мене.

Кога и зошто се запиша во меѓународното училиште „Нова“ и кои се главните придобивки од образованието во оваа институција?

Во меѓународното училиште „Нова“ се запишав после завршената втора година во едно од државните средни училишта и мотивацијата за тоа беше IB (International Baccalaureate) програмата. Сега, по завршувањето, можам да додадам и уште еден позитивен аспект за кој не бев свесна, а тоа се професорите. На самиот почеток, кога преминав од државна во приватна гимназија, кога сè уште ги мешав имињата на новите соученици, забележав дека професорите од „Нова“ беа со многу разбирање и трпеливост кон нас, учениците. Бидејќи живеам во дом со два професори, имам почувствувано автентична заинтересираност во предавањето како професија, нешто што дефинитивно го доживеав и на часовите во „Нова“.

Каде се гледаш себеси за 10 години од сега – во Македонија или некаде надвор и која би била твојата работа од соништата?

„Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?" е прашање кое сите сме го слушнале и одговориле безброј пати. Кога имав осум години, сакав да бидам професионален спортист во уметничко лизгање. На дванаесет години, мојот сон беше да станам кардио хирург. Денес, сакам да бидам инженер. Земајќи ја предвид мојата неодлучност во минатото, не можам со сигурност да кажам каде се гледам себеси за десет години. Но, се согласувам со Оскај Вајлд, кој кажал: „Ако сакаш да бидеш продавач, или генерал, или политичар или судија, неизбежно е дека ќе станеш тоа; тоа е твојата казна. Ако никогаш не знаеш што сакаш да бидеш, ако живееш како што некои би сакале да го наречат, динамичен живот или јас како што го нарекувам уметнички живот, ако секој ден не си сигурен кој си и што знаеш, нема да станеш нешто, и тоа е твојата награда“. Со тоа научив дека склоност кон премислување е привилегија која ми овозможува да не бидам именка, туку глагол, да се движам низ животот и постојано да се пронаоѓам себеси.