Случки и неприлики: Ова е приказната на некогаш единствена камионџијка во Скопје

Седумдесет и петгодишната Вера Цветановска, родум од Kавадарци, која од 1959 година живее во Скопје, своите пензионерски денови по сопствена желба ги минува активно во Домот за стари лица „Мајка Тереза“.

Расположена да ја раскаже својата животна приказна и случките со камионот со кој постојано била на пат, не само во Македонија, туку и надвор, таа за Дневник, вели дека се омажила на 16-годишна возраст, а со својот сопруг, кој сега е починат, се запознала во Велес. Одредено време живееле таму, а во 1959 година купиле куќа во Kарадак Маало. На 23 години веќе имала три деца, од кои сега има шест внуци и еден правнук.

- По земјотресот во 1963 година ни дадоа барака во Бутел, а потоа купивме стан во Kарпош. Мојот сопруг Вељан беше магационер во „Треска“. Тој имаше мотор и кога ќе се вратеше од работа, јас му го земав и го возев, бидејќи имав голема желба за тоа. Имав положено за Б-категорија, па маж ми ми купи камион „тамче“. Зедовме пари на заем и со него возев три години. Пренесував цемент и друга стока - вели тетка Вера.

Таа обично чекала на стовариштето во Маџари некој да ја повика да му пренесе градежен материјал.

- На почетокот луѓето немаа доверба во мене. Ме прашуваа дали имам сопруг и како тој ме пушта сама да возам. А јас имав голема поддршка од него. Тој беше свесен и самиот ми велеше: „Не обрнувај им внимание на коментарите и дофрлањата, ти гледај си го само воланот и немој да се загрижуваш“ - се сеќава Вера.

Таа раскажа една случка за недовербата дека жена може да се занимава со одредени професии.

- Бев во Призрен, а ми рекоа дека во градот имало пазар за телиња. Решив набрзина да застанам со камионот за да видам. Го паркирав со едното тркало на тротоарот, а другото на улица, поточно на забрането место, бидејќи немаше многу да се задржувам. Но, за несреќа налета полицаец и ме праша: „Kој го вози камионот?“. Му одговорив - јас. Тој со недоверба повторно ме праша: „Ама кој го вози камионот?“. Тогаш му ги дадов документите. Тој ми рече дека ќе ми ги извади табличките, но јас му вратив дека тоа може да го стори за поголем прекршок, а вака може само парично да ме казни. Тој збесна и ми рече дека никогаш повеќе нема да дојдам во овој град, а јас му одговорив: „Ако е на татко ти“. Ми ги фрли документите долу во нозете. Јас сакав да тргнав, но за беља камионот не сакаше да запали. Замолив да ме потурнат и кога застанав настрана, видов дека клемата ми се извадила, па ја наместив - вели Вера.

Таа имала непријатност со уште еден полицаец, кој ја сопрел на излезот од Велес.

- Моето „тамче“ беше претоварено. Наместо 10, јас имав 15 вреќи цемент. Тој ми рече дека не смеам да продолжам додека не го истоварам вишокот. Но, јас се снајдов. Почнав да плачам и да го молам, велејќи му дека од тоа хранам три деца и оти мојот сопруг не го бидува за ништо освен за пиење, што, се разбира, беше лага. Тогаш тој изгледа се сожали и ме пушти - вели нашата соговорничка.

Нејзиното возење камиони напреднало за еден степен откако положила за Ц-категорија и два месеца одела на курс по мотористика.

- Положив во 1981 година, иако не беше лесно. Потоа, од парите од тригодишната работа со „тамчето“, а беа околу тогашни 60 милиони динари со мојот сопруг купивме голем, го викаа дамски камион, „застава 645“. Многу бев горда кога го донесовме во Скопје, бидејќи јас го возев, а бев и радосна бидејќи со него ќе пренесувам многу вреќи. Така беше с` до 1988 година, кога почина мојот сопруг - вели таа.

Потоа возела уште две години за да стекне право на пензија. Вели дека нејзините колеги камионџии брзо ја прифатиле и помагале, откако виделе дека ја сака и умее да ја работи работата.

Таа веќе девет години е во „Мајка Тереза“, а секогаш кога ќе сака, оди да си ги посети синот и едната ќерка, кои се во Скопје, а другата ќерка е мажена во Пула, па поретко ја гледа.