
Јавен обвинител од Одделението за малолетници при Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе Барање за поведување подготвителна постапка до судијата за деца во Основниот кривичен суд Скопје за 4 деца во судир со законот за кои постои основано сомнение дека презеле дејствија кои во Кривичниот законик се предвидени како кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1.
- Малолетничките, од кои една на возраст од 17 и три на возраст од 14 години, во два одвоени настани, учествувале во дејствија на насилство кон друго 13-годишно девојче и за нив постапката се води согласно Законот за правда за децата. Имајќи ги предвид сите околности, тежината и начинот на сторување на делото, јавниот обвинител до судијата за деца достави и предлог за определување мерки на претпазливост за малолетничките, информираа од Обвинителството.
- Во меѓувреме, во врска со истите настани, до Основното јавно обвинителство Скопје вчера се доставени шест кривични пријави по член 201 од Кривичниот законик – Запуштање и малтретирање дете, против лица кои како родители ја запоставиле својата должност за грижа и воспитување, а како резултат на тоа малолетните деца на пријавените лица извршиле кривично дело Насилство, односно физички напад врз 13-годишната малолетничка во Ѓорче Петров. Пријавите се распоредени и по нив се постапува за обезбедување докази за проверка на наводите во редовна постапка, се додава во соопштението од ЈО.