Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески преку статус на социјалната мрежа „Х“ напиша дека градоначалничката Арсовска цели 5 месеци ги наговарала приватните превозници да бараат од Советот на град Скопје да изгласа одлука за зголемување на тарифата за надомест кон нив зa извршени услуги во јавниот автобуски превоз, и откако се донел таков заклучок тогаш преку соопштение побарала Советот да донесе одлука за измена на цената. Славески прашува зошто Арсовска чекале 5 месеци да ја донесе оваа одлука.
„Минатиот петок, 29.11.2024 г., донесовме заклучок (со мнозинство гласови од присутните 29 советници) со кој ја обврзуваме Арсовска да го стори истото што го бараше од Совет - измени во Одлуката за тарифата за приватните превозници по извозен километар. Тарифата да се зголеми за по 30 денари соодветно на цената на горивото и да важи до мај 2025 година.
Арсовска го оспорува заклучокот, на што нема право, туку само должност да постапи по него. Ден по вонредната седница, на 30.11.2025 г. таа свикува состанок со координаторите на советнички групи, приватни превозници, администрација од Градот и “случајно” затекнати членови на Совет, во просториите на град Скопје.
Координаторот на советничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ демонстративно го напушта состанокот.
Од состанокот се лиферува соопштение дека наводно се постигнал договор во рок од две недели да се подготви анализа и врз основа на истата до Совет да се предложи одлука за тарифата за приватните превозници.
Автогол на Арсовска, што е основа за голем број тужби кон неа од граѓаните на кои им беше ускратена услугата јавен превоз на линиите услужувани од приватните превозници во изминатите 4-5 месеци.
Прашање до Арсовска: Зошто чекала 5 месеци, кога приватните превозници побарале корекција на цената, за дури сега да прави анализа и на Советот да му предлага зголемување на цената, кога тоа можела да го направи многу порано? Зошто со месеци остави илјадници граѓани без јавен превоз?
Зошто сега, без заклучок на Совет, Арсовска ќе прави анализа за зголемување на цената, кога цело време инсистираше, усно и писмено низ официјални “мислења”, дека единствено Советот треба да донесе одлука за зголемување на цената?
Се разбира, за сето ова, оштетените граѓани можат слободно да ја тужат Арсовска, односно град Скопје, и да бараат надомест за претрпена штета заради неможноста на време да стигнат до работносто место, училиштето, на лекар и сл.
Неспособноста и инаетот на Арсовска придонесоа изминатите три години за Скопје да бидат “години што ги изедоа скакулците” (Борисав Пекиќ)“, напиша Славески на социјалните мрежи.