Скопскиот Аквапарк затворен - Има ли доволно базени за разладување низ Скопје?

 

Аквапаркот при Спортскиот центар Борис Трајковски во Скопје и оваа летна сезона е затворен за посетителите. 

Иако, претходните сезони паркот се отвараше околу 10 јуни, годинава и покрај високите температури, ова водено катче за разладување и забава останува затворено. 

Сепак, скопјани имаат доволно можности за разладување, кога станува збор за базени. 

- На температури кои го преминуваат 40-иот степен целзиусов, се функционира само под клима. До работа со клима во кола, на работа под клима и назад дома, повторно под клима, споделува една скопјанка, која вели дека базените низ Скопје за неа се скапо задоволство. 

- Да, има базени во склоп на рестораните, знам дека има и базени кои се изнајмуваат во околината на Скопје, меѓутоа сметам дека се повеќе за младите за забава, додава таа. 

Вели дека скапи се влезниците, кога ќе се плати за цело семејство. Дополнително, кафе, храна, превоз дотаму. 

- Испаѓа околу 100 евра за цело семејство за еден ден, за тие пари може да се тера ден на море, вели таа. 

Во поголемите скопски општини има базени, па така на скопјани на располагање им се Воен Базен, базен Расадник, базен во Аеродром, базенот во „Борис Трајковски“, како и низа приватни базени во околината на Скопје кои се во склоп на вили, хотели, ресторани и тоа во Орешани, Соње, Катланово, Трубарево, Кадино...

Цените за влезниците се движат од 300 денари па нагоре.