СКОПСКИ МААЛСКИ ИГРИ: Се сеќавате на времето кога ги игравте овие игри?

Се сеќавате ли на вашето детство? Сигурно постојат некои работи кои никогаш нема да ги заборавите. Но, она што најмногу останува во сеќавање се илјадниците часови поминати во играње детски игри „на улица“.Децата со години наназад играле различни игри кои ги играле нивните родители, баби и дедовци и тоа со генерации пред нив. Доколку сте од постарите генерации, веројатно ви текнува на игрите „Јанино, јанино“ , „Долга магарица“….

Игра: Долга магарица

Правила: Долга магарица беше една од најпопуларните, но и погруби игри од детството. Принципот на играта се состоел во тоа да се формираат две групи со ист број учесници. Едниот тим скока врз припадниците од другиот тим, чии членови се поврзани во „синџир“, кој е направен на начин на кој главите им се наоѓаат помеѓу бутините од членот на екипата кој се наоѓа пред нив.

На почетокот од синџирот се наоѓа еден неутрален играч, тн. „перница“, кој обично е потпрен со грб кон ѕидот. На неговите испружени раце, кои ги држи пред себе со дланките свртени нагоре, последниот член од синџирот ја става главата.

Членовите на противничкиот тим скокаат врз ривалите, кои не смеат да паднат. При скоковите, тие малку погрубо скокаат врз нив, со цел да потклекнат под притисокот. Секако дека при оваа игра има многу некоректни потези, па најчесто „перницата“ е и судија во оваа игра.

Оваа игра беше популарна меѓу децата, кои ја играа за време на големите одмори или по часовите.

Игра: Жмурка (Криенка) 

Правила: Личноста што „жмури“ е со затворени очи, честопати потпрена на дрво или на ѕид од зграда и брои гласно до 100 (или помалку – по договор). Останатите мора за тоа време да се скријат некаде во границите на дозволениот простор во кој се одвива играта. По завршувањето на броењето, оваа личност почнува да ги бара останатите. Победник е оној кој ќе го „освои“ основното место (најчесто мора да се допре или да се каже „пу“) од каде што почнала играта. Оној што ќе биде прв откриен, следниот круг „жмури“, освен ако не го спаси последниот скриен играч со допирање на местото, па оној што „жмурел“ да треба пак да „жмури“ и следниот круг.

Игра: Граница (Вис)

Правила: Оние кои пробуваат да освојат територија, не смеат да дозволат да бидат „фатени“ од спротивниот тим. Во тој случај тие стануваат нивни „затвореници“ и за нив играта завршува. Тимот кој освојува, победува само ако една или повеќе личности стапнат во однапред определениот центар на територијата на спротивниот тим. Тимот кој се брани победува ако ги „зароби“ сите припадници на спротивниот тим.

Игра: Џамлии

Правила: Стаклени топчиња во најразлични прозрачни бои и порцелански. Џамлиите беа опсесија на машките и со оваа игра тие забораваа и на време и на место. Целта е дупка во земја која се правеше со концентрични движења на ѓонот од патики или чевли.

Игра: Ластик

Правила: Ова е најпопуларна женска игра, а постапката е врзана за постоење на ластик, кој го држат две девојчиња. Како напредува играта, така ластикот се подига се' повисоко и повисоко.

Игра: Плочка

Правила: Се цртаат квадрати, каде што се напишани броеви од 1 до 8, но самиот распоред ги предизвикува играчите да играат, потскокнуваат и ги ставаат нозете каде што се изнапишани броевите. И најважно во целата игра е да се најде убава плочка, која се турка од број во број

Игра: Сакате ли војна?

Правила: Припадниците на двата тима се поставени едни спроти други, така што оние од ист тим се еден до друг и се држат за рака. Првиот тим вели: „Сакате ли војна?“ На тоа вториот тим враќа: „Сакаме!“ Тогаш првиот тим прашува: „Од кого?“ И вториот тим избира една личност од припадниците на спротивниот тим. Тогаш таа личност мора да се затрча накај нив и да се обиде да го „скрши“ ѕидот така што ќе помине помеѓу двајца играчи без да биде задржана. Доколку го пробие ѕидот одбира еден играч од тој тим кој ќе го однесе во својот тим. Но, доколку биде задржан останува на местото каде што не успеал да се пробие. Победник е оној тим кој ќе успее да ги собере сите играчи кај себе.

Игра: Штркот бара боја

Правила: Оваа игра најдобро функционира кога сите се облечени во многу бои. Оној кој ја води играта започнува со реченицата: „Штркот бара боја…“ На ова останатите го прашуваат: „Која која која…?“ Тогаш „штркот“ кажува одредена боја и останатите мора да ја допрат таа боја пред да ги допре тој нив. Доколку штркот допре некој од играчите, тогаш тој станува штрк и играта започнува од почеток.