Скопски љубовџија: „Сите ме сакаат јако само ти знаеш како“ (ГАЛЕРИЈА)

Низ Скопје можат да се забележат бројни графити со љубовна содржина, така што ги стоплуваат срцата не само на оној кому му се наменети, туку и на случајните минувачи кои ги читаат.

„Нашата љубов од книга не се учи, вакво силно нешто никогаш нема да се случи“, „Сите ме сакаат јако. Ама само ти знаеш како“, „Душо дојди, имам недостиг од тебе“, ова е само дел од графитите што периодов ги украсија скопските фасади, а предизвикаа бурни реакции на социјалните мрежи.

Автор на сите графити е само едно момче, кое сака да остане анонимно и кое најверојатно има многу слободно време и тони неискажана љубов. Но од друга страна, секој од овие графити е дополнет со симбол што според упатените кажува дека авторот сака да се заштити, некој друг да не му ја украде фасадната поезија или, пак, славата и фалбите за тоа што го направил да бидат резервирани само за неговата персона.

Според  Законот за јавна чистота се забранува пишувањето графити, цртање и лепење плакати на јавни објекти. Надлежните објаснуваат дека и покрај обидите да се изборат со прекршителите на законот, „украсувањето“ на ѕидовите најчесто се случува доцна во ноќите, кога фреквенцијата на луѓе е намалена, а истото тоа им се однесува и на инспекторите.

Градските власти велат дека за отстранување графити од правните објекти се задолжени сопствениците на објектите, додека за јавните објекти и јавните површини се задолжени јавните институции што се сопственици на имотот.