Скопската зоолошка денеска ќе организира хуманитарен настан за Турција и Сирија

Денеска (25.02.2023) во 12 часот во ЗОО Скопје ќе се одржи хуманитарен настан со наслов „Со љубов од Скопје ЗОО за Турција и Сирија".

- Со поддршка од Градот Скопје, во Зоолошка градина Скопје ќе се одржи хуманитарен настан за помош на настраданите семејства во земјотресот во Турција и Сирија. Да ја покажеме солидарноста на дело и заедно да донираме и помогнеме онаму каде што е најпотребно. Собраните средства ќе бидат префрлени на сметката за донации за настраданите во земјотресот на Црвениот Крст на Град Скопје, отворена за таа намена, информираат од ЗОО Скопје.

Програмскиот дел ќе го исполнат Стела и Сани, ЗОО Азбука/ДКЦ Карпош, а ќе има и обраќање на спасувачи/волонтери кои помагаа во Турција, додека учество ќе земе и Градскиот мешан хор Вардар, а децата ќе ги дружи и забавува Слончето Халки.