Скопје повторно меѓу најзагадените градови во светот - Секој здив е опасен!

Нов зимски ден, стар проблем за жителите на Скопје. Утрово донесе смог и загаден воздух во главниот град. 

Според сервисот „IQAir“ Скопје утрово е шести најзагаден град во светот. Полошо рангирани со позагаден воздух се Ханои во Виетнам, Делхи во Индија, Дака во Бангладеш, Лахор и Карачи во Пакистан.

 

Истовремено, Македонија е на десеттото место по најзагаден воздух во светот. Позагадено е во само во Пакистан, Кина, Таџикистан, Турција, Индија, Уганда, Бангладеш, Конго, Камбоџа.  

Овие празнични денови Скопје дише на шкрги, а повеќето стручни лица со апели да не се излегува на отворено и секој слободен миг да се искористи да се замине некаде на повисоко, на чист воздух. 

Доктор Нико Беќаровски, токму кога се одржуваа Бадниковите поворки низ Скопје во пресрет на Божиќ, алармираше дека децата не треба да се изложуваат на дополнително труење.

- Убава е традицијата, но како здравствени работници треба да сме свесни дека при голема загаденост на воздухот (AQI index 176) децата не требаше да се изложуваат на ова непотребно дополнително труење! Р.Ѕ. Загадениот воздух многу повеќе ги уништува младите розеви гради, сподели тој на својот фејсбук профил. 

Претходно и доктор Ненад Лазаров предупреди за штетноста од високото аерозагадување. 

-  Не смееме да нормализираме вакво загадување на воздухот како во моментот. Секој здив е штета, особено за трудници, ПМ2.5 ја поминуваат плацентарната бариера и прават штета на бебето уште интраутерино. Ние не ни знаеме што се има од органски и неоргански отрови во воздухот! Излезете од градов секој кој е и во најмала можност, упати апел Лазаров.