Скопје одблокирано по девет дена: Приватните превозници ги тргнаа автобусите

Приватните превозници по девет дена блокади, синоќа одлучија да ги прекинат протестите и повлечат автобусите од булеварот „Илинденска” во Скопје.

Ваквиот чекор следи откако премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека ќе го прифати барањето за средба, но откако ќе се создадат услови за дијалог и тие ги отстранат блокадите од улиците на главниот град. Приватните превозници очекуваат да бидат повикани на средба од премиерот.

Вчера на прес-конференција Ленин Јовановски, директор на „Слобода превоз” информира дека протестите прекинуваат и автобусите ќе се повлекуваат од блокадите. Потенцира дека одлучиле да му дадат простор на дијалогот што го предложил премиерот Димитар Ковачевски. Јовановски истакна дека овој е единствен став со кој што се сложиле сите приватни превозници, сепак да се даде шанса целиот овој проблем да не се решава на улица, туку институционално.

– Одлучивме овој проблем да не се решава на улица, туку институционално. Знаеме дека секогаш на маса се решаваат сите проблеми, меѓутоа некој треба да не собере на таа маса за да ги изложиме проблемите и да дадеме еден правец во кој што навистина соодветно и во законски рамки ќе се реши овој проблем, рече тој.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека кога ќе се исполнат условите за дијалог без притисок, базиран на факти и со вклученост на сите коишто се надлежни да го решат проблемот, тогаш може и да има средба со приватните автобуски превозници.

– Можам да кажам: „да”, јас сум човек којшто ќе се сретне со сите со коишто треба, меѓутоа не под притисок и не под уцена. Прво што треба да направат е да ги ослободат улиците и да им ги вратат на граѓаните на Градот Скопје, чија што сопственост се тие улици, за да може градот да функционира. Второ, на тој состанок мора да бидат и надлежните органи од Градот Скопје. Зашто? Бидејќи мора да се види со нив, затоа што Владата нема надлежност во делот на јавниот превоз во Градот Скопје. И трето, се работи за должничко-доверителски односи помеѓу приватни компании и јавно претпријатие во надлежност на Градот Скопје и сите тие претпоставки мора да се имаат во предвид, истакна Ковачевски во одговор на новинарско прашање на вчерашната прес-конференција во Владата посветена на буџетот на МТСП за 2023 година.

Одговарајќи на новинарско прашање, Јовановски потенцира дека не се во позиција да дадат услови и да зборуваат за некакви рокови за одржување на средбата со премиерот.

– Не сме во позиција да даваме услови и да зборуваме за некакви рокови. Сметаме дека премиерот брзо реагираше на барањата за средба, брзо реагираше на изјавите на претставникот на приватните превозници кога спомена радикализација. Сметаме дека исто така брзо ќе најден начин да се сретне, како што рече, со било кого кој што нема да му врши притисок или да биде под некаква уцена. Мислам дека немаше таква ситуација, но еве го ослободуваме просторот за да нема такви размуслувања, рече Јовановски. Јовановски соопшти дека ќе изготват ново барање коешто, како што рече, ќе биде во контекст на она што го кажа премиерот Димитар Ковачевски, каде што ќе ги исполниме сите негови сугестии. Тој очекува да бидат повикани на средба со премиерот. – Предложивме она што го кажа премиерот да се испочитува. Денеска по овој прес сите автобуси што се на улица да се повлечат, за да му се овозможи простор на дијалогот што тој го предлага и што за нас е основа за средба на која што како што и самиот спомена ќе бидат презентирани сите аргументи, докази и факти за целава оваа состојба од која што и нему и на пошироката јавност после тие средби се надеваме дека како авторитети од висока институција ќе бидат пренесени во изворна форма на јавноста за таа да не се стави во заблуда, рече тој.

Јовановски истакна дека се прифаќа идејата тие како претставници на приватните превозници кои што располагаат со таа документација да ја презентираат на таа средба.

– Прифаќаме и инститираме на таа средба да има претставници и од Градот Скопје, но и од ЈСП каде пред него ќе ги соочиме аргументите со кои што располагаат сите три страни, за јавноста да биде посоодветна запознаена. Во целост прифаќаме се што премиерот Ковачевски го кажа, бидејќи вистината е на наша страна и сметаме дека доколку постои таква институционална можност преку отворање на овој дијалог кој мора да биде интензивен и што побргу да се реши, рече Јовановски.

Приватните превозници вчера информираа дека нема да учествуваат на огласот на Град Скопје и побараа од Владата бараат одземање на ингеренциите на Арсовска за јавниот превоз. Додека, пак, премиерот вчера потенцира дека е против одземање на ингеренциите на Град Скопје, бидејќи, како што рече, тоа би значело враќање на процесот на децентрализација.