Скопје утрово се најде на 37. место по загаденост во светот, според податоците на „iqair“. Во регионот, за споредба, Атина е на 21., а Приштина на 22. место. Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) пак утрово соопштија дека прекинат е прагот на алармирање за загаден воздух во Битола и Струмица.
- Согласно податоците од ДАМСКВ на ден 27 јануари, среднодневните концентрации на ПМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 150 мg/m3 и епизодата од два последователни денови со надминување на прагот на алармирање за ПМ10 е прекината во Битола и Струмица, се појаснува во соопштението на МЖСПП.
Во неделата ноќта МЖСПП информираше дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри – надминување на вредноста од 150 mg /m3 во текот на два последователни денови, бил надминат на мерното место – Струмица.
-Прагот на алармирање е дефиниран во Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели – Службен весник на Република Македонија број 183 од 14.12.2017 година, беше наведено во соопштението на МЖСПП.