Скопје мора повторно да ја најде својата душа, порача Ѓорѓиевски по повод празникот на градот

По повод 13 Ноември – Денот на ослободување на градот Скопје, делегации од повеќе институции оддадоа почит на паднатите борци.

Цвеќе беше положено на Партизанските гробишта во Бутел и на Алејата на великаните на гробот на генерал Михајло Апостолски.

На чествувањето присуствуваа претставници од Град Скопје на чело со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. 

- Овој ден е жива приказна за отпорот, за храброста и за љубовта кон градот. Токму овие датуми нѐ потсетуваат дека дел од нас биле, се и ќе бидат симболите на непокор, на борба и на љубов кон Скопје. Ден кога нашите предци со кренати глави и со непоколеблива решителност, го ослободија градот и му ја вратија светлината. Тие не чекале некој друг да го направи тоа наместо нив. Тие ја зеле судбината во свои раце. И токму затоа денес стоиме овде - затоа што некој тогаш решил да не се плаши. И затоа денес, 81 година подоцна, ние имаме должност кон нив, но и кон идните генерации со мисија да го изградиме Скопје повторно гордо, достоинствено и модерно, порача првиот човек на Скопје. 

Ѓорѓиевски истакна дека денес, нашата борба е поинаква, но суштината е иста.

- Се бориме против запоставеноста, против нечистотијата, против заборавот, против рамнодушноста што го гуши духот на градот. Нашето оружје е трудот, знаењето и вербата во тоа дека Скопје може да биде подобро. Обврска е на сите нас да го вратиме духот на градот што знае да создава, што верува во работа, што се потпира на солидарност, а не на поделби. Да го направиме град на ред, чистота и сигурност, град во кој секој жител ќе се чувствува почитуван, а не запоставен, вели градоначалникот. 

- Скопје мора повторно да ја најде својата душа. Да биде град на луѓето, а не град на хаосот.  Да учиме од минатото, да направиме подобра сегашност и многу подобра иднина, заклучува тој.