Скопје ќе се шири кон север - Шилегов со визии за новиот ГУП

Генералниот урбанистички план на Скопје е стратешки развоен план со општи елементи на просторниот развој во текот на една деценија. Се донесува во услови на творечки процес на планирање и со учество на сите субјекти и институции на територијата на опфатот. Планот ги дефинира основните наменски употреби на површините, ги претставува главните насоки на развојот и ја регулира примарната инфраструктура.

Во пресрет на почнувањето на процесот за подготовка на новиот Генерален урбанистички план на град Скопје градоначалникот Петре Шилегов и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, имаа работна средба на која разговараа за начинот на кој Министерството за транспорт и врски, како ресорно министерство, може да се вклучи и да ја поддржи неговата изработка.

– Имајќи предвид дека станува збор за еден сложен и сеопфатен процес во подготовката на новиот ГУП 2022-2032 година повеќе од потребна е поддршка не само од министерството, туку и од поширок круг на стручни лица од различни области, невладиниот сектор, академската заедница, како и од граѓаните, директно или преку единиците на локалната самоуправа. Претходниот ГУП на град Скопје е усвоен во 2012 година. Од тогаш до денес се извршени многу парцијални измени во просторот, што главно се однесуваа на измени на програмите и локациите за одредени содржини. Од позиција на градоначалник моите заложби се однесуваат на рационално, контролирано и флексибилно ширење на Скопје во насока на обезбедување одржлив развој; визионерско планирање на сообраќајната инфраструктура, како основен елемент во просторната комуникација; соодветно планирање на комуналната инфраструктура, посебно од аспект на инфраструктурата за прифаќање, селектирање, рециклирање и депонирање на цврст и друг отпад; како и реконструкција на изградените простори и блокови во простори со повисок комунален и амбиентален стандард. Во мојата визија Скопје го гледам како зелен град со многу внимателно распоредени зелени површини, повеќе функционални јавни простори, сообраќај планиран на начин што ќе обезбеди одржлива урбана мобилност и комунална инфраструктура која ќе биде целосно во функција на обезбедувањето чиста и здрава животна средина – рече градоначалникот Шилегов, по работната средба.

Шилегов изрази уверување дека Скопје ќе се развива и шири на начин што ќе се релаксира притисокот од претераната урбанизација на јужниот дел од градот, на сметка на рационалното користење на неискористените слободни површини во северниот дел на градот.

– Во текот на изработката на новиот ГУП верувам дека ќе бидат разгледани можностите за отстранување на некои недостатоци од постојната планска документација. За пример ја земам таканаречената јужна обиколница која според моето мислење, но и според мислењето на стручната јавност, е спротивна на принципите за заштита на животната средина имајќи предвид дека за нејзиното пробивање е потребно да се уништи добар дел од Водно. Сакам да нагласам дека до 2022 година истекува важноста на постојниот ГУП. Имаме доволно време да ги вклучиме сите засегнати страни во изработката на новиот ГУП на начин што ќе обезбеди гаранција дека се сериозно лимитирани можностите за пропусти при носењето на деталните урбанистички планови и другата планска документација од понизок ранг. Оттука верувам и дека ќе се отворат можности со новиот ГУП да обезбедиме и услови да се продолжи со деталното планирање на градот на начин што сериозно ќе го унапредува квалитетот на живот на нашите сограѓани – нагласи Шилегов.