Скопје ќе добие Национална Установа „Оркестар за џез музика“

Владата на вчера одржаната седница донесе Одлука за основање национална установа „Оркестар за џез музика во Република Северна Македонија“ - Скопје.

Установата се очекува да создаде високо квалитетен македонски џез производ, којшто ќе постави нови критериуми и повисоки стандарди на македонската џез сцена и ќе стане препознатлив во земјава и надвор од неа, по својата уникатност, велат надлежните. 

Основна дејност на оваа установа, како што е образложено од ресорното Министерство, е предвидено да биде музичката дејност, односно подготвување и јавно изведување високо квалитетни музички дела од областа на џезот и сите сродни жанрови коишто гравитираат или се изведени од оваа „класична“ култура на дваесет и првиот век. Оваа установа, ќе ги зачува талентираните џез музичари кои ги има, ќе им овозможи траен и одржлив ангажман, што ќе создаде услови тие да создадат врвни дела, ќе се грижи за негувањето на џез културата, ќе ја афирмира и популаризира македонската џез музика во земјата и надвор од неа, а ќе се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, ќе организира џез фестивали и настани коишто ќе помогнат во негувањето на џез културата на територијата на целата држава и ќе работи на сопствено вмрежување во меѓународни организации коишто ја негуваат истата дејност.