СКОПЈЕ КАКО БОЛИВУД: Индијци снимаат филм во МНТ

Од 1 до 9 мај на сцената на Македонскиот народен театар ќе се одвива дел од снимањето на акциониот трилер „Vijay 61“, кој почна да се снима во Индија во февруари, а се очекува да заврши при крајот на годината.

„Vijay 61“ е работниот наслов на филмот во режија на еден од најинтересните тамилски режисери, 33-годишниот Арун Кумар – Атле, а во продукција на познатата продуцентска и дистрибутерска куќа „Шри Тенандал Филмс“, која постои веќе 40 години и зад себе има импресивна биографија од стотина филма во речиси сите регионални филмски индустрии во Индија.

Снимањето на првиот боливудски филм во Македонија е плод на работата на македонскиот продуцент Дејан Илиев и Натарајан Рамџи, познат како локациски гуру во Индија, кој има обезбедено локации за над илјада филмови.

Илиев во партнерство со Рамџи ја основаа „Минд продукција“ која го обезбедува снимањето на овој проект во нашата земја, на кој работи голема македонска екипа. Имено, во техничката екипа, во која Македонија е вклучена и во работата на сценографијата, костимографијата, шминката, има 40 филмски работници.

Инаку, во снимањето учествуваат и околу 900 актери, балерини, танчери и статисти, кои заедно со вработените во театарот ја достигнуваат бројката од над 1000 учесници од Македонија.

Во МНТ се снима сцената од филмот која се одигрува на театарската сцена во Париз. Во Скопје е пристигната голема екипа и од Индија, која заедно со режисерот, главните актери, директорот на фотографија, сценографот, ја сочинуваат 70-тина луѓе.