Скопје - градот со некогаш најдобар ноќен живот, денес е сиромашен за добра забава

Ноќниот живот во Скопје е „на пауза“! Најзасегнати се младите кои велат дека токму во екот на летото нема доволно добри места за забава и дружење.

Не секогаш било така.

Старо Скопје било и е синоним за добри времиња во кои младите знаеле како да се забавуваат.

-Пред 15-20 години имаше се. Денеска Скопје е умрено. Нема пијанки, нема седенки во круг да засвири гитара, нема страст, смеење, зезање, вели еден средовечен скопјанец.

-Каде е енергијата на младите, каде се летните дискотеки, забавите кај Школка? Денес нема кој пуканти да купи во Градски парк, сведочи овој скопјанец.

Многумина се согласуваат со овој став.

Ако некогаш Скопје беше шаренолико со корзо, со забави на отворено секое лето, со дружби, седенки..., денеска младите како да се натпреваруваат кој ќе има понов модел на телефон и автомобил уште на 18 години.

Порано имаше и дискотеки и ноќни клубови каде со малку пари имаше забава до раните утрински часови.

Во деведестите години Скопје имаше најдобар ноќен живот на Балканот. МНТ, Хард Рок, Силекс, Метропол, Мусандра, дискотеките во Градскиот парк, кои тогаш почнувале со работа, меѓу местата за излегување... Пред 20-ина години актуелни биле и Аполон, Уна, Менс, Академија, Корнер, Рома, Булевар, Тунел… Речиси сите оние, кои биле дел од тоа време, се едногласни – ноќниот живот во Скопје тогаш имал поинаков шмек.

Оваа сезона градот функционира без летни дискотеки и кабареа кои несомнено му даваа посебен шмек на Скопје. Но, така било некогаш, денеска се побројни се вандалските настани на кои реагираат граѓаните, мртвилото и апатичноста на младите.