Почна големата музичка прослава по повод 35 години независност на Македонија, а атмосферата на Националната арена „Тодор Проески“ веќе се вжештува пред настапот на светската диџеј ѕвезда Дејвид Гета.

За загревањето на публиката се погрижи македонското диџеј трио Sempre, кое со својот настап ја подигна атмосферата пред главното шоу. По нив следи диџеј Никифор.
Концертот на Гета е распродаден, а според најавите на организаторот, арената вечерва треба да прими повеќе од 50.000 посетители. За настапот е предвидено целосно користење на стадионот – сите трибини и теренот ќе бидат исполнети со публика.
Овој број го прави концертот еден од најмасовните музички настани што досега се одржале во земјава. Организаторот претходно посочи дека истата „Monolith“ продукција на Гета е дизајнирана за огромни стадионски спектакли – во Париз за околу 80.000 посетители, во Амстердам за 100.000, а во Милано за околу 80.000 луѓе.

Вечерашниот настап во Скопје е финалето на програмата со која се одбележува 35-годишнината од независноста, а официјалната страница на прославата потврдува дека концертот е распродаден.
Сега останува уште главното – Дејвид Гета и „The Monolith Show“ пред преполната арена „Тодор Проески“.
Скопје вечерва слави со повеќе од 50.000 луѓе.