Скопјани од Капиштец утре ќе протестираат против гласната музика од околните локали

Скопјани од населба Капиштец за утре најавија мирен протест  во 19 часот, кај кошаркарското игралиште во населбата, како реакција на, како што велат, континуираната бучава од угостителските објекти.

Протестот е организиран од граѓанската иницијатива „За пристоен Капиштец“, која преку социјалните мрежи упати повик до жителите да излезат и да го изразат незадоволството.

„Доста ни е од бучавата, сега ние ќе бидеме гласни. Додека нас не држат будни, институциите спијат“, наведуваат организаторите во повикот.

Жителите бараат почитување на законските прописи, редовни и ефикасни инспекциски контроли, како и заштита на јавниот ред и мир во населбата. Според нив, протестот има цел да обезбеди „мирен и безбеден Капиштец за сите жители и нивните деца“, при што нагласуваат дека не бараат привилегии, туку доследна примена на законите.

Во објавите на иницијативата се наведува дека проблемот со бучавата трае подолг период, особено во вечерните и ноќните часови, поради музика од угостителски објекти и групи кои се задржуваат во јавниот простор.

Жителите изразуваат и незадоволство од, како што велат, недоволното постапување на надлежните институции за заштита на јавниот ред и мир.