Скопјани, на два пункта, масовно донираат за настраданите во земјотресот

По катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија, скопјани се мобилизираа за да испратат помош за настраданото население, за да им се помогне на луѓето кои во овие студени денови остана без своите домови.

На плоштадот Македонија уште вчера е отворен пункт за донации, каде може секој, во рамките на своите можности, со својата помош да придонесе за семејствата погодени од земјотресот.

 Граѓани и компании постојано донираат облека, обувки, ќебиња, храна, вода и хигиенски производи.

Пункт е поставен и во старата скопска чаршија. 

Постарите скопјани кои го доживеале ужасот на катастрофата што го погоди нашиот град во 1963 година, но и помладите знаат колку е важно да се помогне во овие мигови и несебично помагаат. Помош за настраданите ветија и скопските општини.

Тие ќе испратат парична помош, чија сума ќе ја утврдат на вонредните седници кои ќе се одржат деновиве, но исто така понудија, доколку е потребно, и секаков друг вид помош за настраданото население.