Скопјани го избраа најуспешниот градоначалник – Ивица Коневски

Веб порталот SkopjeInfo.mk трета година по ред ја спроведе анкетата за најуспешен градоначалник во Скопје. Анкетата заврши вчера,  траеше 20 дена и на неа можеше да се гласа за еден од првите луѓе на општините во Скопје.

Од вкупниот број на гласови на прво место, според гласовите на скопјани е Ивица Коневски, градоначалникот на општина Аеродром, кој освои 27 проценти од гласовите, односно 3710 гласови. На второто место со 2540 гласови се најде градоначалникот на општина Карпош, а Андреј Жерновски е на трето место со 2256 гласови.

Понатаму, според резултатите од анкетата на ранг листата се наоѓаат градоначалниците на Чаир и Кисела Вода, а речиси незабележителен број гласови освоија градоначалниците на Сарај, Бутел, Ѓорче Петров и Гази Баба.

Во овој период на анкетата гласаа вкупно 14109 читатели. Изборот за најуспешен градоначалник се реализира веќе традиционално трета година што говори неговата важност, значајност и релевантност. Градоначалниците го поддржуваат, промовираат, а граѓаните веќе го препознаваат како признание кое што говори за успех, посветеност и резултати.

Интересно е што вакви слични резултатите имавме и во претходните години. На најуспешниот градоначалник му честитам за победата, а на останатите им порачуваме дека ваквите резултати се причина посериозно да пристапат на реализација на ветените проекти, повеќе да работат, но и да бидат потранспарентни и отчетни пред граѓаните. – вели Берта Китинска, новинар во Скопје Инфо.

Пред нас е година на локални избори кои што се очекува делумно да ја редефинираат политичката слика во Скопје. Скопје Инфо и понатаму ќе ја следи нивната работа и следната година повторно заеднички ќе го избереме најуспешниот градоначалник.