Скопјани аплицираат за инвертер клими - повикот уште трае

Вкупно 840 граѓани се пријавиле на јавниот повик за субвенционирање за набавка на посовремени уреди за затоплување – инвертер клима уреди за 2019, што Град Скопје го објави во март годинава. Субвенционирањето се уште е во тек и граѓаните може да надоместат дел од трошоците направени при набавка на инвертерите.

Како што соопшти Град Скопје, со овој повик се опфаќаат сите инвертер клима уреди што се купени од први јануари 2019 година. Висината на субвенцијата е во износ од 50 отсто од вредноста на уредот, но не повеќе од 15.000 денари со вклучен персонален данок на доход. Повикот ќе се реализира согласно со принципот „прв дојден, прв услужен“ и ќе трае до 30 ноември 2019 година или до исцрпување на предвидените финансиски средства од буџетот на Град Скопје за оваа намена.

Право на учество на јавниот повик имаат жителите на Скопје, од општините Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај. Граѓаните треба да имаат купено инвертер клима уред за затоплување на своето домаќинство (станбен објект) во период од први јануари до 30 ноември годинава и да поднесат барање за надоместување дел од трошоците.

На повикот немаат право на учество жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект со приклучок на градското централно греење без оглед на тоа дали го користат, кои имаат можност за приклучување на системот за централно греење, како и жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект во фаза на градба и не живеат во него.

Барателот треба да го достави барањето и документацијата во прилог во затворен коверт до „Комисија за спроведување на постапката за субвенционирање на граѓаните за набавка на посовремен уред за затоплување за 2019 година“ во архивата на Град Скопје, на адресата булевар „Илинден“ број 82, секој работен ден од 8:30 до 15 часот.

Град Скопје го објави јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за купување инвертери како една од мерките против загадувањето на воздухот. Целосниот јавен повик со условите и критериумите за аплицирање граѓаните можат да го видат на веб-страницата на Град Скопје.