Скопјанецот кој ја претепа поранешната сопруга е во затвор, и претходно бил пријавуван за насилство

Скопјанецот кој ја претепа сопругата во скопското село Љубанци е во затвор. Обвинителството бара мерката притвор да му се продолжи со цел негово обезбедување во текот на постапката, бидејќи и претходно бил насилен, а ова не било првпат сопругата да биде негова цел.

Од Обвинителството информираат дека доказите обезбедени во текот на претходната постапка ја потврдуваат основаноста на сомненијата дека обвинетиот на 1 декември во попладневните часови, во семејната куќа во Љубанци, вршел семејно насилство, при што телесно ја повредил поранешната сопруга со која по разводот на бракот продолжиле да живеат во заедничко домаќинство.

„Тој и пришол од зад грб, со рацете ја зграпчил за вратот и ја стегал, па ја удирал со тупаници и ја кубел за косата“, велат од Обвинителството.

Имајќи предвид дека обвинетиот е претходно осудуван, му се води и друга постапка за истородно дело, а оштетената повеќепати ја напаѓал, јавниот обвинител оцени дека постои реална опасност тој да се обидува да го избегне кривичниот прогон ако биде пуштен на слобода.