Скопјанец со многу носталгија се сеќава на култната „Ванила“: „Бурекот беше меѓу најубавите на Балканот, а нивните слатки не се забораваа - особено кремовите во чаша“

Во Фејсбук група која тематски обединува „стари скопјани“, нејзин член, скопјанецот Стрезо сподели објава која кај многумина ќе предизвика носталгија и некого ќе врати во младоста, а некого во детството.

Станува збор за познатата „Ванила“, а меѓу најкултните нејзини објекти е токму оној во ГТЦ.

„Ванила беше најбројна низ Скопје се до спојувањето со Жито Лукс после која исчезна. Ги одбележа 60-тите 70-тите и 80-тите со својата понуда. Малку фотографии, исчезнаа и рецептите кои наводно се наоѓаат во архивите на Жито Лукс, а производството беше во Тафталиџе (кај или во Машинпромет, не сум сигурен). Беше со извонреден квалитет имаше оригинални производи како Ванила Кола еден од најубавите пијалаци како македонски оригинален производ, па дури и повеќе. На улица Македонија (Маршал Тито, беше главно место пред и после Кино Вардар, култура а во излогот секогаш имаше огромни парчиња Алва, се присеќава овој скопјанец.

Но, како што вели скопјанецот, бурекот кој го правеа карши Рекорд, од крцкакво, скоро, лиснато тесто беше еден од најубавите на Балканот воопшто.

„Велат дека само таму се произведувал таков поради специфичните печки од шамот - специјален вид на цигла. Оние кои пробале нема никогаш да ги заборават: Лења Пита со чоколаден прелив и јаболко во средина, марципанот, гркланите, легендарните еклери,
секако и стандардните падобранци, тулумби и ах да ќе ги заборавев...СПЕКТАКУЛАРНИТЕ КРЕМОВИ ВО ЧАША...Со години бараме фотографии слики од нивните слаткарници и производи но за жал констатираме дека скоро никој ниту фотографирал ниту документирал. Можеби еден ден ќе успеам јас или некој друг да ископа од архивите“, пишува скопјанецот во објавата.

Тој додаде дека замина во легендите со последното скопско корзо пред Ванила кај ГТЦ, за кое рече дека со многу носталгија се сеќава на ова култно место.