„Скандалот на Онкологија претставува масовно убиство, а јавниот обвинител е ангел чувар на криминалците“

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески во утринската емисија на Алфа телевизија упати сериозни обвинувања на адреса на јавниот обвинител, но и за големиот скандал на Клиниката за онкологија.

- После сите овие информации кои ги добивме и по целокупната работа од Анкетната комисија ќе следува заклучок. И можам да ви гарантирам со сигурност квалитетен заклучок бидејќи се разгледуваат многу материјали, многу извештаи од сите институции кои се вклучени. И ќе следува заклучок околу политичката одговорност, не сакам пред време да кажувам, но од ова што се гледа секако дека ја има, истакна Ристески.

Ристески додаде дека Анкетната комисија ќе притиска за да овој најгрозоморен скандал во здравството има разрешница.

- Обвинителството ги има сите информации. Јавниот обвинител во овој момент, и во целокупната негова работа генерално претставува ангел чувар на оние кои што го кршат законот, на луѓето кои практикуваат криминал и корупција. И за тоа сме дојдени до оваа ситуација до каде што сме дојдени, укажа Ристески.

Тој посочи дека јавниот обвинител и МВР не треба да помислат да застанат во одбрана на вакво грозоморно случување во клиниката за Онкологија.

- Ова претставува организирано и масовно убиство. Овдека не знаеме колку луѓе ги изгубиле животите поради лакомоста за пари на одреден круг на луѓе внатре во клиниката, нагласи пратеникот.