Сивило и магла низ Скопје: Нова година доаѓа, никому не му се слави

На петнаесетина дена пред дочекот на Новата година нема никаква најава за празнична атмосфера.Сивило и магла се единствените нешта што деновиве ќе ги забележите доколку прошетате низ скопските улици.

Додека Белград, Софија, Приштина и Тирана блеснаа во новогодишни бои пред повеќе од десет дена, на скоро пола месец до нова година нашиот главен град каска зад балканските метрополи. Загреб, на пример, веќе трета година по ред е прогласен за град каде што има најубава атмосфера во пресрет на божиќните и новогодишните празници.

Традиционално до сега, претходните градоначалници на Скопје декорирањето го започнуваа кон крајот на ноември, а раскитувањето траеше од 15 јануари до 18 јануари во новата година.

Од Град Скопје велат дека привршуваат со административните постапки за новогодишното декоративно уредување и во текот на викендот би требало да започне украсувањето.

Фирмата Линк Медиа Плус од Скопје оваа година го доби тендерот за новогодишно украсување на градот кој што е вреден 10.169.491,00 денари или нешто повеќе од 150 илјади евра.

Според тендерската документација, договорот ќе се реализира во две фази. Првата фаза предвидува украсување и светлосно декорирање на централното градско подрачје и на Плоштадот „Македонија“  во духот на модерното време и живеење, со високи естетски, уметнички и ликовни ефекти, запазувајќи при тоа унифициран концепт на целиот простор и истата треба да се заврши до 15-ти овој месец. Втората фаза опфаќа отстранување на украсната и светлосната декорација треба да се реализира од 15.01.2018 до 25.01.2018 година.

Освен декорација и украсување на градот компанијата има обврска и да изработи план за тоа какви украси ќе треба да се употребат и за локацијата на која ќе бидат поставени тие.

Оваа година градот нема да организира новогодишна прослава. Градоначалникот Петре Шилегов најави дека парите за оваа намена ќе се донираат на Клиниката за детски болести и на Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле.

Општина Центар најави дека и годинава ќе имаат новогодишна прослава на сквер Јадран, а парите ќе се обезбедат од спонзори.