Сите работи кои треба да ги знаете за BinBin услугата за изнајмување тротинети во Скопје

Една од најуспешните компании за изнајмување на електрични тротинети во Турција од пред неколку дена се појави и на македонскиот пазар. Имено, на скопјани на располагање им се 500 електрични тротинети паркирани на повеќе локации низ Скопје, од Ѓорче до Ново Лисиче.

Така, едноставно може да изнајмите електричен тротинет кој може да го пребарате со неколку клика од вашиот паметен телефон, да се превезете до посакуваната дестинација и тротинетот да го оставите каде ви одговара низ Скопје, а истиот ќе биде пронајден од компанијата преку ГПС-системот.

Сите изнајмувања и користења согласно правилата се вршат преку мобилната апликација BinBin.

За да се користи електричен тротинет, граѓаните ќе треба да ја симнат апликацијата, за која бар-код има на пунктовите, кои инаку се отстапени од ЈП Градски паркинг. Самата паликација нуди повеќе начини на плаќање.

Цената за изнајмување на тротинет е 9 денари минута, но доколку преку апликацијата ставите средства од 300 денари, добивате плус 45 денари гратис, а доколку ставите 500 денари, добивате плус 100 денари гратис. Така, цената испаѓа околу 7,3 денари за минута возење.

Еве пет конкретни чекори за користење на овие електрични тротинети во Скопје:

1. Ја симнуваш мобилна апликација на телефон

2. Ставаш пари на неа

3. Ја отвораш мапата на самата апликација која покажува каде најблиску имате слободен тротинет на располагање и доаѓаш до истиот

4. Го вклучуваш преку апликацијата и можеш да го возиш во рамки на дозволените граници кои се означени на мапата која ја дава апликацијата, а го опфаќаат скоро целото градско подрачје на Скопје.

5. На крајот го оставаш тротинетот било каде и го исклучуваш од апликацијата која ти наплаќа за возењето. Го фотографираш и ја поставуваш фотографијата на апликацијата.

При пребарувањето на тротинет самата апликација покажува колку батерија имаат и доколку има попуст за некој тротинет.

Навечер од фирмата ги земаат и ги носат или на пунктовите за полнење, или само им поставуваат нови, наполнети батерии и ги оставаат на истото место, па така утредента сите тротинети се одново подготвени за користење.

По само неколку дена од оваа новина во сообраќајот во главниот град јавноста реагира дека тротинетите за кратко време ќе бидат искршени, но можеби и украдени.

Велат не е воопшто евтина варијанта на алтернативен сообраќај, но е одличен начин за „пробно“ возење за оние кои сакаат да си купат електричен тротинет. 

- Кога не е вклучен сигналот тротинетот тешко може да се турка и постојано свири. Така што е тешко некој да се осуди да го украде, барем така тврдат од фирмата. Исто така, тротинетот не може да се вози на никаков начин без мобилната апликација, па затоа од BinBin веруваат дека дивјаците кај нас нема да можат да ги земат, префарбаат и продадат или расклопат и фрлат за старо железо, иако јас сум се уште скептичен, го споделува еден скопјанец својот став.

- И да им ги кршат им се исплати. За два цели дена возење ги вадат парите за еден  тротинет. Ако е 7.3 ден минута за 24 саати околу 10.500 денари – сума со која може да се купи нов тротинет, коментира друг скопјанец. 

- Пред крајот на времето за возење за кое сте платиле добивате сигнал, а потоа пополека се намалува брзината, по што тротинетот го исклучува моторот, сугерира друг скопјанец.

Граѓаните истовремено се исплашени и за безбедноста во сообраќајот во Скопје. 

-Треба да се знае дека не е мала бројката на овие превозни средства доколку сите бидат ставени во сообраќај во исто време. Друг проблем е што навечер треба да снимава да се сопнеме од некој оставен тротинет. Друго дали и малолетници може да ги изнајмуваат и да се движат со нив низ скопските прометни улици и булевари, вели една загрижена скопјанка. 

Останува алармот дека дополнително треба да се донесе правилник или закон за користење на тротинет.

Кој може да го вози, правила во сообраќајот, а не да се вози каде се сака, кој сака, со што се загрозува безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

Освен кај нас и во Турција, BinBin веќе се проширил и во уште шест држави во регионот, меѓу кои Хрватска, Бугарија и Босна и Херцеговина.

Системот за изнајмување на електрични скутери и тротинети за прв пат е воведен во 2017 година во Санта Моника, Калифорнија, САД.