Силуваните сестри од домот „25 Мај“ исчезнале 89 пати: Преживеале полов напад и се осомничени за неколку кривични дела

Двете малолетни сестри – штитенички на Домот „25 мај“, преживеале полов напад од 35-годишен маж. Додека биле под покривот на Домот вкупно 89 пати се пријавувани за исчезнати, а нивните имиња во полициските досиеја се споменуваат и како осомничени сторители на неколку кривични дела, дознава Плусинфо.

Од тогаш едното девојче живее заедно со нејзината мајка, а другото во згрижувачко семејство.

Сестрата која живее во згрижувачкото семејство успеала да се извлече од сивилото и да се излекува од зависноста од лепак, но мајката сега сака да ја врати дома, на што се спротивставува стручниот тим од Министерството за труд и социјална политика.

Ова се податоците од министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика до кои дојде Плусинфо, откако овој случај излезе во јавноста.

За првпат, случајот со двете малолетнички го обелодени Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР) посочувајќи дека, покрај за 13-годишното девојче кое абортираше, има сведочења за уште две девојчиња – сестри кои наводно биле земани од домот од постар маж кој сексуално ги злоставувал на железничката станица во Скопје.

Малолетничките, на возраст од 16 и 13 години, биле штитенички на „25 мај“ од 2012 до 2015 година. Често си заминувале од домот, а во сите наврати се постапувало, тврдат од МВР. Во тој период, повозрасното девојче е пријавувано за исчезнато 49 пати, а помладото 40.

– Во сите случаи малолетните лица самоволно се оддалечувале од Домот. Во најголем дел од случаите децата биле пронајдени во централното градско подрачје или на подрачјето на полициската станица Чаир, велат од МВР.

Во врска со наводите дека малолетничките биле злоставувани од постар маж, скопската полиција постапувала во два наврати. Првпат во 2013 кога мајката пријавила полов напад од непознат маж. За ова, полицијата до обвинителството поднела кривична пријава против 34-годишен скопјанец.

Летото 2014 бил пријавен уште еден случај, но за него МВР не открило ништо. Според пријавата, 27-годишно пијано момче во „Жена парк“ сакало да ги присили да даваат сексуални услуги на други лица, меѓутоа полицајците извршиле обиколка и не го нашле момчето кое им било опишано.

Покрај ваквите случаи, од МВР велат дека 16-годишната сестра во нивната евиденција се води и како сторител на четири кривични дела (тешка кражба на дрзок начин, насилство, разбојништво и кражба), а 13-годишната, пак, пред шест години била пријавена за разбојништво.

– Според наодот и мислењето на стручниот тим, во периодот пред да биде сместена кај згрижувачкото семејство, детето било зависник од лепак со големи кризи, чести бегства од установата каде што била сместен и на прагот да стане корисник на кривични дела. По успешната мерка- сместување во згрижувачко семејство, во изминатите две години,кај детето има комплетен пресврт во состојбата. Детето повеќе не е зависник, успешно е интегрирана во згрижувачкото семејство, живее во еколошки здрава средина и е вклучена во образовниот процес – велат од МТСП.

Меѓутоа, за ова девојче кое успеало да се извлече од сивилото, се води судска постапка. Имено, судот со правосилна пресуда лани во март и го вратил родителското право на мајката, но тимот од Центарот за социјална работа не се согласува детето кое е кај згрижувачкото семејство да се врати кај мајката која се заканила дека ќе тужи.

– На 3 октомври 2017 стручниот тим разговарал со мајката и нејзиниот партнер, при што им е потенцирано дека е потребно да обезбедат минимум станбени услови за живеење на детето. Потоа било утврдено дека мајката прво пријавила фиктивно живеалиште во Скопје, потоа пријавила живеалиште во Кичево под кирија, за кое според увидот на ЦСР Кичево било утврдено дека станбените услови не одговараат. Следниот месец мајката се изјаснува дека ќе живее во Кисела Вода во напуштен објект, заедно со целото семејство, вклучувајќи ги и децата кои се’уште се зависници – објаснуваат од МТСП.

Поради тоа, додаваат, процениле дека ваквите услови негативно ќе влијае на девојчето кај кое изминатите две години има забележителен напредок.