По колективната оставка на Комисијата за помилување почнати се разговори за нов состав, изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова и нагласи дека нема да брза со нејзиното формирање.
„Не даде Комисијата отказ. Комисијата од лични и професионални причини поднесе оставка и тоа е нешто друго. И јас, ние сме во разговори за нов состав на Комисијата. Јас никогаш не ги правам брзо работите, признавам. Разговараме, треба сите профили да бидат внатре вклучени за да може навистина на крајот од тој процес на помилување кој почнува во судот, а завршува со потписот, ама претходно одмерувањето од Комисијата, да биде успешно. Разговараме со експерти, со луѓе од невладин сектор, бидејќи секогаш во комисиите има луѓе од здравството, психолог, невропсихијатар, имаше новинар, значи со сите тие категории разговаравме, кажа Сиљановска Давкова на новинарско прашање.
Претседателката посочи дека е добро време за разговор со сите досегашни членови на ова тело со цел на база на нивните искуства да се одреди какви промени се потребни.
„Што се однесува до состанокот, до средбата - да, тоа беше неколку пати закажувана и одлагана средба заради други настани. Мислам дека е добро време да се слушнат мислењата на сите претходни членови на комисиите за потоа да видиме какви се нивните искуства, кои се нивните сознанија и во кој правец треба да одат промените, рече претседателката Сиљановска Давкова