Сиљановска Давкова по повод празникот: Ние немаме друга татковина, освен онаа на македонските револуционери - должни сме да ја сочуваме

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка до граѓаните по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, со порака дека овој ден е потсетник на должноста да се продолжи револуционерниот дух на предците, не со оружје, туку со револуционерен ум, знаење и реформи.

„Ви го честитам 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, кога гордо се потсетуваме на грандиозната историска улога на македонската револуционерна организација, врз чиј дух и дело почива македонската државност“, истакна претседателката, додавајќи дека слободата и независноста не се подарени, туку извојувани од македонските револуционери.

Претседателката нагласи дека празникот е прилика да се оддаде почит на хероите кои ги положиле своите животи за слободна, независна, но и социјална, солидарна и демократска Македонија.

„Нивните идеали беа сржта на најнапредните идеи од крајот на 19. век. Од нив извираат и врз нив се темелат европските вредности, вградени во документите на ЕУ“, истакна таа.

Сиљновска Давкова порача дека граѓаните имаат обврска да го продолжат револуционерното дело преку чесност, одговорност и посветеност.

„Ние немаме друга татковина, освен нивната, онаа на македонските револуционери. Должни сме да ја сочуваме и политички да ја вградиме таму каде што географски, историски и културно отсекогаш припаѓа, во Европа“, додаде таа.