
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на заедничката прес-конференција со албанскиот претседател, Бајрам Бегај нагласи дека Македонија останува цврсто определена за влез во Европската Унија и дека во чекорењето на Црна Гора и Албанија на истиот пат кон Унијата гледа европски чекори и за целиот Балкан.
Таа истакна дека билатерализацијата на евроинтеграцијата нема да биде осамен пример и дека членките на ЕУ треба сериозно да се однесуваат и да ја превенираат.
„До членството се стигнува со реформи, особено со владеење на правото, борба против корупцијата и јакнење на демократските институции. И тука имаме консензус дека тоа е нешто што не е врзано само со Копенхашките критериуми, туку за нашата европеизација – рече Сиљановска-Давкова.
Според неа, ставањето на идентитетските и на историските прашања на агендата само ќе го комплицира процесот на пристапување на земјите.
Околу најавите за можно членство во ЕУ без право на глас, Сиљановска рече дека го слушнала тоа од Вајц вчера, но има и меморија и дека повеќепати досега слушнала за вакви моментуми за влез во Унијата. Таа рече дека не може да коментира идеи, а сегашната состојба е дека според актите на ЕУ земјите членки имаат и статус и право на вето.
Таа смета дека „по сè што направивме на тој пат, заслужуваме и нас да нè прашаат за модалитетите за прием во ЕУ, бидејќи вака не е сериозно“. Па, повторно кажа дека сме рекордери по уставни измени и дека ни се неопходни гаранции дека нема да има нови такви барања надвор од Копенхашките критериуми.
Македонската претседателка ги оцени како одлични и пријателски односите меѓу Македонија и Албанија. Рече дека меѓу двете земји нема отворени прашања и има основа за продлабочување на соработката во сите области.
Според албанскиот претседател, односите меѓу двете земји треба да бидат пример во регионот, особено во соработката.