Што треба да знаете за сезонскиот грип и вакцината против истиот?

Министерството за здравство иинформира дека се набавени 40.000 дози четиритипни вакцини против сезонски грип за следните ризични групи:

- Стари лица (над 65 години)

- Лица со хронични заболувања

- Здравствени работници

- Бремени жени

- Децата на возраст од 6 месеци до 5 години

Веќе трета година по ред вакцината за овие групи граѓани е бесплатна, а од денеска може да се пријавите за вакцинација против сезонскиот грип. 

Грип е заболување кое го предизвикува вирусот на инфлуенца и ги зафаќа горните дишни патишта: нос и грло, а во потешките форми и долните дишни патишта – бронхиите. Секоја година со вирусот на грип се заразуваат од 5% до 15% од населението.

Грипот често предизвикува непријатност во период од неколку дена кај сите заразени лица, но луѓето обично прилично брзо се опоравуваат. Сепак, за луѓе кои имаат широк спектар на здравствени проблеми, грипот може да биде сериозна, па дури и фатална болест.

Оние кои се најмногу изложени на ризик од сериозни компликации од грип, се луѓе на возраст над 65 години – осум од десет смртни случаи поврзани со грип се во оваа возрасна група. Тоа е така бидејќи имунолошкиот систем слабее со текот на годините и станува помалку ефикасен во борбата против инфекциите, како на пример грипот. Исто така, доколку заболениот претходно веќе имал проблеми со срцето, дијабетес, хронична црнодробна или бубрежна болест или белодробно заболување, грипот може да ги влоши овие состојби и да биде смртоносен.

Најдобар начин да се спречи инфекцијата со грип е вакцинацијата. Со оглед на тоа што вирусите на грип се менуваат, потребно е да се прими вакцината секоја година за да се остане во чекор со циркулирачките вируси.

На северната хемисфера, пикот на сезоната на грип е обично во есен и зима, а со тоа, октомври, ноември и декоември  е оптимално време да се прими вакцината, велат светските здравствени експерти.