Што сѐ не сте знаеле за скопскиот парк на природата Гази Баба?

Паркот на природата Гази Баба е тесно поврзан со формирањето и развојот на градот Скопје кој има долга историја почнувајки од пред новата ера до денес.

Просторната разместеност на градот Скопје до балканските војни е од левата страна на реката Вардар, а ридовите Кале и Гази Баба претставувале главни јавни зелени и рекреативни површини.

Поради природно-атрактивните, климатските и вегетациските карактеристики, ридот Гази Баба е планиран како за јавно градско зеленило и простор за спорт и рекреација во градот Скопје.

Локалитетот Гази Баба, поточно ридот, своето име го добил според името на османлискиот кадија, научник и поет од 16 век Ашик Челеби, кој бил познат кај народот како кадија Гази Баба.

Во минатото, возвишението Гази Баба од запад било ограничено со долината на реката Серава, од југ со алувијалната рамнина на реката Вардар, додека кон север – североисток се абразивните тераси со над 300 м надморска височина.

Паркот на природата Гази Баба се наоѓа на оддалеченост од околу 3 km од центарот на градот Скопје во источен правец, помеѓу станбената населба Железара на исток, урбаните делови од населбата Чаир на запад, северните делови на населбата Автокоманда и од север со станбени делови од населбата Бутел 2.

Претставува интересен природен простор чии вредности биле препознаени уште поодамна. Така, во педесеттите години од дваесеттиот век извршени се активности за оформување на простор со зеленило од околу 100 ha на кој природите вредности се надополнети со внесување на поголем број различни видови на дрвја со кои е подобрена вкупната шумовитост на подрачјето, кое во тој период било во фаза на индустриализација и урбанизација.

Со оформувањето на овој зелен простор придонесено е за подобрување на квалитетот на животната средина, а со цел на негово трајно зачувување е прогласен за заштитено подрачје согласно Законот за заштита на природните реткости, со Одлука за прогласување на локалитетот Гази Баба за карактеристичен пејзаж, донесена од Советот на Град Скопје. Во март 2015 година, локалитетот Гази Баба е презаштитен со Законот за прогласување на локалитетот Парк – шума Гази Баба во Парк на природата.

Од вкупната површината (108 ха) на паркот, најголем дел е под нискостеблени и високостеблени шуми, односно на 95 ха. Единствени тревни површини се јавуваат на југоисток во подножието на ридот на површина од околу 4,3 ха, на североисток 3,6 ха и над Природно-математичкиот факултет на површина од околу 2 ха. Овие површини претставувале некогаш ораници кои денес се користат како ливади.

Со шумските површини и со чуварска служба на Паркот  управува ЈП Паркови и зеленило.

Покрај пешачките патеки, кои претставуваат главни објекти за рекреација во паркот, поставени се видиковци, клупи и маси за одмор и пикник. Овие содржини се распоредени покрај уредените патеки и на влезовите во паркот. Земјаните патеки кои се во голема мерка обраснати со нискостеблеста вегетација не располагаат со пратечки рекреативни содржини. Како посебна уредена површина за рекреација претставува тревнатата површина во близина на јужниот влез на паркот на површина од 4300 м² . Оваа површина редовно се одржува како тревна површина на чиј влез се поставени информативни табли и содржини за спортување. На целата територијата од овој дел на паркот поставени се излетнички постројки со изградени објекти за пикник и одмор, кои се користат од посетителите особено за време на викенд. Трим патеките се користат од голем број на спортисти аматери и професионалци.

Шумата Гази Баба претставува голем зелен остров во урбаното ткиво на Скопје. Ваква, релативно голема површина под шума, ретко се среќава во средиштето на една урбана средина. Просторот на шумата Гази Баба претставува нераскинлива целина и со старост на стеблата поголема од 30 – 40 години има непроценлива вредност и значење за зачувување на животната средина во Скопје, пред сѐ заради нејзината поливалентна функција изразена преку: прочистување на воздухот, заштита на почвата, регулирање на водниот режим и подобрување на микро климата, што позитивно влијае на квалитетот на животната средина во целост.

Денешниот изглед на растителноста во Паркот на природата Гази Баба претставува комбинација од автохтони и алохтони видови. На просторот доминираат дрвенести видови кои во најголем дел се засадени преку пошумување. Поголемиот број од дрвјата се на возраст помеѓу 40 и 50 години.