Што се случува со нашето тело кога сме под стрес?

Од перспектива на менталното здравје, стресот се опишува како чувство на силен емоционален притисок. 

Photo by Elisa Ventur on Unsplash

Тој може да се манифестира како вознемиреност, пореметување на спиењето, алергии, промени во апетитот, главоболки, болки во мускулите, пад на имунитетот, депресија и тн. Ова е стресот кој ни е познат на сите нас и кои сите сме го почувствувале на одреден начин. Сите ние чувствуваме стрес од време на време, но алармантна е состојбата кога постојано сме под притисок и кога стресот влијае во голема мера на нашето ментално и физичко здравје. 

Емоционалните симптоми вклучуваат:

* лошо расположение

* недостаток на фокус и концентрација

*  раздразливост

*  постојан замор

*  немање можност да го смириме нашиот ум

*  избегнување на другите

Од друга страна пак, физичките симптоми се манифестираат на следниот начин:

*  главоболка

*  болки во вратот

*  болки во мускулите

*  лошо варење и проблеми со желудникот

*  дијареа

*  чести настинки и инфекции

*  здрвена вилица

*  сува уста и тешкотии при голтањето

Кога се соочуваме со стрес, нашиот мозок испраќа сигнали до телото дека тоа треба да се избори со стресот и создава чувство на еден вид криза. Така, телото прави одредени чекори за да се заштити. Се зголемува внимателноста и свесноста, а во нашето тело се одвиваат различни функции. 

Како да се избориме со стресот?

Многу совети велат намалете го стресот. Но, за некои од нас, тоа е невозможно. Се соочуваме со многу обврски на работното место, домот, семејните односи и едноставно не е така лесно да се ослободиме од стресот. Но, тоа што можеме да го направиме е да смениме некои мали навики и да се потрудиме да си помогнеме себеси во однос на начинот како реагираме на стресот. 

За почеток, важно е да сфатиме дека дури и најсилните карактери можат да бидат погодени. Често гледаме некои луѓе и велиме дека се насмеани и весели, но не можеме да знаеме колкаво влијание има стресот над нивниот живот. 

Ако чувствувате дека подолго време се соочувате со стрес и дека нешто треба да направите за себе, тогаш важно е да ги направите потребните чекори кои ќе ви помогнат да се чувствувате подобро.

За пример:

  • Редовна физичка активност
  • Техники за опуштање, како длабоко дишење, медитација, јога, масажа
  • Дружење со позитивни луѓе
  • Квалитетно време со семејството и пријателите
  • Градење навики и хобија кои помагаат да се чувствуваме подобро

Секој од нас има обврска да се грижи за своето здравје, на начин кој е најсоодветен за него. Не можеме да веруваме дека стресот ќе си замине сам од себе, бидејќи напротив, тој само ќе се  таложи и ќе прави дополнителни проблеми. Ако кај себе забележувате одредени работи кои ви предизвикуваат стрес а на кои можете да влијаете, тогаш намалете ги. За пример, гледање вести и непријатни содржини, претерано користење интернет, дружење со луѓе кои ве исполнуваат со негативна енергија.

Спијте доволно и потрудете се тоа да е квалитетно. Читајте книга пред спиење, пијте повеќе чај, а помалку кафе, избегнувајте претерана консумација на алкохол пред спиењето. 

Ако забележите дека симптомите веќе се евидентни и во голема мера влијаат на вашето здравје, тогаш важно е да побарате помош од вашиот лекар. 

Не го игнорирајте стресот бидејќи тој е причината за многу болести и состојби во нашето тело.