Што предвидува Буџетот за култура за 2023 година

Вкупниот Предлог-буџет на Министерството за култура за следната година изнесува 61,6 милиони евра, при што фокусот е ставен кон две цели – грижа за постоечкото културно историско наследство и отворање перспективи за развојот на културата. Исто така, следната година ќе бидат основани три нови национални установи, информираше денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Тој на денешната прес-конференција во Владата посочи дека со владина одлука во 2023 година ќе бидат основани три нови национални установи – Меморијален музеј на Смилевскиот конгрес во Смилево, Камерен оркестар на Битола и Музички театар во Тетово.

– Оваа Влада се води од определбата дека какви и да се предизвиците и каква и да е годината во смисла на економски и енергетски предизвици со кои се соочуваме поради светската криза, културата останува наш приоритет. Обезбедивме континуитет на реализација на програмите и на проектите во културните установи, на платите на вработените во културата, на заштитата на културно историско наследство, рече Ковачевски.

Тој додаде дека во текот на наредната година ќе се реконструираат сите споменици и спомен обележја од Народноослободителната борба (НОБ) на личности кои дале придонес во борбата против фашизмот и ослободувањето на нашата држава и на настани кои се случиле во текот на НОБ.

Во делот на грижата за постоечкото културно-историско наследство, односно за реконструкција на сите споменици и спомен обележја од НОБ, премиерот рече дека Владата обезбеди пари од буџетот на Северна Македонија, иако согласно Законот за меморијални споменици и спомен обележја, за подигањето, чувањето, одржувањето и заштитата на спомен обележја се надлежни општините, односно Град Скопје.

– На последната седница го задолживме Министерството за култура со рокови да склучи договори и меморандуми за соработка со општините за санација на спомен обележјата и да достави информација до Владата во која ќе бидат утврдени потребните мерки и средства за оваа цел, рече Ковачевски.

Како што најави тој, во 2023 година почнува целосна реконструкција и санација на Музејот на Северна Македонија, за што со Предлог-буџет се предвидени 813 илјади евра. Со Предлог–буџет се наменети 50 илјади евра за поддршка на младите во културата.

– Отвораме и нови национални установи во државата, со што овозможуваме значајни културни уметнички дела да се изведуваат и во други делови во државата освен во Скопје, додаде премиерот.

Тој напомена дека во Предлог-буџетот за следната година се предвидени и капитални инвестиции во културата. Над 2,3 милиони евра се предвидени за продолжување на изградбата на Театарот и библиотеката во Тетово.

– Се работи за капитален објект со голем габарит, кој што значи обединување на културата во Полошкиот регион. Два милиони евра се предвидени за изградба на Турскиот театар и тоа ќе биде сосема нов објект. Продолжуваат инвестиции во Театарот во Струмица, за што се предвидени 500 илјади евра. Со Предлог-буџетот за културата ги зголемивме средствата за капитални дотации до единиците на локална самоуправа за 16 илјади евра на 325 илјади евра, рече премиерот.

Како што додаде тој со поддршката не се изоставени и четирите културно-информативни центри на земјава во Софија, Тирана, Загреб и Истанбул и на Културниот центар во Њујорк, а предвидено е и отворањето на нови вакви центри.

– Сакам да знаат вработените во културата дека во целост се испланирани средствата за платите на културните работници, нешто што не било пракса и се обезбедувало со ребаланс. Сега средствата за платите се целосно предвидени со буџетот за следната година, додаде Ковачевски.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска потенцираше дека сите финансиски обврски за оваа 2022 година се реализирани и затворени.

– Според тоа, не префрлуваме никакви обврски од оваа, на товар на буџетот за следната година. Нема заостанати обврски, значи во следната година влегуваме со буџет кој нема да плаќа стари сметки и тоа ни овозможува да ги реализираме и планот и програмата за следната година со предвидениот износ, рече министерката на денешната прес-конференција.

Како што додаде таа, во буџетот за 2023 година се зголемени и средствата за комунални услуги за установите од областа на културата, како последица на зголемувањето на цената на енергенсите на светските берзи. Затоа, наместо 3,93 отсто, сега тој трошок е проектиран на 6,85 отсто од вкупниот буџет за културата.

– Исто така, зголемени се и блок-дотациите за општините поради зголемување на платите на вработените и на материјалните трошоци во локалните установи од областа на културата, од шест на 6,5 милиони евра. Зголемени се и капиталните дотации за општините од една на 20 милиони денари, посочи Костадиновска Стојчевска.

За капитални расходи, напомена министерката, во Предлог-буџетот за културата за 2023-та, се предвидени 6,4 милиони евра. Сакам да ве информирам дека процентот на реализација на капиталните инвестиции за 2022 година до овој момент е високи 83 отсто со тенденција во преостанатите 10 дена да биде повисок.

Како ставки, посочи таа, остануваат и Програмата за „Културно наследство во опасност“ и поддршката на младите.

– Нашето внимание останува на заштитата на културното наследство. Се работи и ќе продолжи работата и на Скопскиот аквадукт и на црквата во Курбиново, но и на други културни сведоштва за нас. Затоа, не само од буџетот, фокусирани сме и на соработката и на поддршка од фондовите од меѓународни институции. Заштитата е скапа работа, а стручниот кадар е дефицитарен, додаде министерката.