Што е човекот ако нема слобода?

Постојат некои вредности кои се многу повредни од пари и од тоа да бидеме добро прилагодени на нормите на ова општество. Што ни вредат парите ако немаме слобода, што ни вреди да бидеме добро прилагодени во општеството кое речиси целосно се изгубило себеси? 

Да се биде човек, тоа е нешто посебно, нешто што со себе носи една голема одговорност од која многумина бегаат. Луѓето сметаат дека да се биде одговорен значи да се биде послушен, а потоа во таа послушност се губат себеси. Да се изгубиш себеси е најголемиот облик на неодговорност кон животот. 

Додека човекот ги гради и одржува своите општествени улоги, тој најчесто заборава да го живее овој величествен живот. Па зарем ние сме тука само за да јадеме, спиеме, работиме, плаќаме сметки, да ги задоволиме општествените норми и да умреме на крајот, најчесто разочарани од спознанието дека животот ни поминал, а ние не сме го живееле?

Што е човекот ако нема слобода? Што ќе му е живот кој некој друг му го крои? Што е човекот во кој нема никаква храброст? Тоа и не е човек, тоа не е ни сенка од човек, тоа е суштество кое го предало животот заедно со сите негови вредности.