
Уапсен 46-годишник од Штип кој лажно се претставил како полицаец, одзел возило, предизвикал незгода и нападнал полицаец.
Како што информираат од МВР, вчера околу 09:00 часот, полициски службеници од СВР Штип во угостителски објект на улица „Сутјеска“ во Штип го лишиле од слобода Б.Х.Ј. (46) од Штип.
Околу 08:00 часот, пред влез на средно училиште на подрачјето на Штип, тој од М.А. од Штип одзел службено возило „Пежо“ со штипски регистарски ознаки, откако го сопрел претставувајќи се лажно како полициски службеник и извршил лажен претрес во возилото, по што се упатил кон населбата Ново Село.
Притоа, Б.Х.Ј. предизвикал сообраќајна незгода удирајќи во паркирано возило на ул. „Маршал Тито“, а потоа продолжил кон центарот на градот. Околу 08:45 часот на улица „Сутјеска“ пресретнал жена од Штип која се движела со куче и насилно и го одзел кучето, по што се оддалечил од местото.
По преземени мерки од страна на полициски службеници од СВР Штип, возилото било лоцирано, а лицето лишено од слобода. При лишувањето од слобода, полициски службеник се здобил со телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Штип.
Во текот на ноќта, истото лице било пријавено и во уште два настани – поради расправија и упатување навреди, како и за оштетување банкомат во објект на улица „Сутјеска“.
По целосно документирање на случајот, против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.