Шпаркасе Банка – Супербренд за 2022 година

Најдобрите и највлијателни брендови во Македонија и оваа година се одликувани со глобалната награда Супербрендс, а Шпаркасе Банка се закити со престижното признание - Супербренд во категоријата финансиски институции за 2022 година.

Супербрендс е меѓународна организација, која има за цел да ги препознае одличните брендови на различни пазари и да ја промовира културата на брендирање. Во организација на Супербрендс Македонија секоја година се одбираат најсилните брендови во нашата земја, а учество во изборот им е овозможено само на најуспешните од секоја област.

Шпаркасе Банка годинава за првпат е прогласена за Супербренд во категоријата финансиски институции во земјата, исполнувајќи ги четирите основни критериуми неопходни за добивање на оваа награда: квалитет, сигурност, препознатливост и емотивна приврзаност на корисниците кон брендот.

- Се гордееме со фактот што Шпаркасе Банка ќе го носи знакот на Супербренд за 2022 година и напорите на Банката да создаде бренд што е препознатлив и создава силна емотивна врска со своите клиенти, резултираа со плод, па така Банката претставува синоним на традиција, квалитет, сигурност и одговорност во перцепцијата на нашите клиенти. Нашето мото „Верувај во себе“ не е само формално, туку мото зад кое суштински стоиме. Макотрпната работа, цврстото верување во нашиот бренд и посветеноста кон клиентите, остануваат наша трајна определба, а оваа награда ќе ни биде дополнителна мотивација да работиме во насока на стекнување уште поголема доверба кај клиентите и зголемување на базата на задоволни и лојални клиенти - изјави Санел Кустурица, претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје.

Изборот на најдобрите и најсилни брендови го организира и го надгледува меѓународната организација Супербрендс, глобален авторитет во сферата на брендингот. Изборот се спроведува во повеќе од 90 земји низ светот и во него досега учествувале над 22.000 различни брендови. Во процесот на избор учествува стручно жири со голем број внимателно одбрани експерти со свои оценки, како и потрошувачите.

Изборот за Супербренд на Македонија за 2022 година е уште една потврда за зацврстувањето на брендот на Шпаркасе Банка како препознатлив бренд што создава доверба кај потрошувачите, како и стремежот да биде прв избор на банка за клиентите.  Главна цел на Банката останува понуда на квалитетна услуга и иновативни производи, со цел подобрување на корисничкото искуство и задоволство на нашите клиенти, кои се во фокусот на работењето.

Шпаркасе Банка е членка на групацијата Ерсте и Штаермаркише Шпаркасе, која е една од водечките групации во областа на финансиски услуги во Средна и Источна Европа. Групацијата опслужува повеќе од 17 милиони клиенти преку 3.200 експозитури. Во Македонија, групацијата е застапена со Шпаркасе Банка и Шпаркасе Лизинг и опслужува повеќе од 120.000 клиенти во 36 експозитури.