Шилегов: Регистарот за имињата на улиците денеска ќе биде доставен на одобрување во Владата

Среќен сум што традиционални улици во нашиот град, коишто се поврзани со битието и функционирањето на урбано Скопје ќе ги вратиме, затоа што тие се уште разговорно помеѓу скопјани се викаат на тој начин, изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Советот на Скопје вчера на седница ја усвои листата на регистарот на имињата на улиците во главниот град, со што се вратени некои претходни, како „Мексичка“, „Ленинова“, „Железничка“…

Скопскиот градоначалник денеска, на настан за стручното образование, одговарајќи на новинарски прашања рече дека процесот за нови имиња на улиците односно за враќање на старите е почнат уште пред една и пол година, а на вчерашната седница на Советот е донесена одлука со која е проширен Регистарот.

– Соогласно законските одредби, Регистарот се доставува на одобрување до Владата и мислам дека во текот на денов тоа ќе биде завршено. Откако Владата ќе го одобри тој Регистар со соодветна одлука, ќе продолжиме понатаму со процесот, чекор по чекор, рече Шилегов.

Неодамна тој изјави дека во процесот биле земени предвид и размислувањата на граѓаните, за разлика од порано кога насилно биле преименувани улици и кршена волјата на скопјани.

На промената на имињата се противат советниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.