Дел од улицата „9 мај“ зад Универзалната сала во Скопје пропадна во градилиштето за нова зграда, по што по трет пат на терен излезе градежната инспекција на Општина Центар.
- Продолжува хаосот на улицата 9 Мај каде инвеститор си гради како сака и покрај забраните. Повлекол дел од улицата, а штета веќе има и на околните објекти според фотографии кои ни ги доставија граѓани од соседните подрумски простории, велат од Шанса за Центар.
Шанса за Центар побара од Министерство за внатрешни работи итно да реагира и да го запре градењето пред да настане поголема штета или несреќа.
- Овој инвеститор и градежната компанија не треба да имаат право за било какви зафати на територија на Општина Центар. Класично дивеење на поединци кога институциите се толку ослабени, порачаа од Шанса за Центар.