
По примерот во Холандија и од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ бараат забрана на користењето на мобилни телефони, таблети и паметни часовници во училиштата.
Во Холандија иницијативата е од самите наставници, а се очекува да започне да се спроведува од следната учебна година.
- Ние, како Шанса за Центар, би сакале да се приклучиме кон иницијативата на холандските училишта и да донесеме одлука за училиштата во Центар. Иако мобилните телефони се неизбежен дел од нашиот секојдневен живот, тие не треба да имаат место во училницата! Широка е употребата на мобилните телефони за време на часовите и во паузите, од учениците, но за жал и од наставниците, појаснуваат од „Шанса за Центар“.
- Дали ние возрасните (родителите и наставниците) се согласуваме дека мобилните телефони ги деконцентрираат учениците, им попречуваат да се фокусираат на наставата и понекогаш стимулираат агресија и булинг помеѓу соучениците? Каков пример им се возрасните? Иднината која ќе им ја дадеме на децата зависи од нашите одлуки и нашата одговорност и од преземените конкретни мерки во однос на проблемот, појаснуваат оттаму.
Велат одлуката би требало да има неколку исклучоци, вклучувајќи ги учениците со посебни потреби или попречености, и да не важи за часовите кои се фокусираат на развој на дигитални вештини.