Шахистите на Алкалоид повторно со шампионските титули

Велемајсторот Звонко Станојоски и женскиот ФИДЕ Мајстор Моника Стојковска, обајцата членови на ШК Алкалоид, ги освоија титулите за државни шампиони на Македонија во шах за 2023 година.

Во драматичниот финиш на двете првенства, освен што беше битно играчите самите да постигнат успех против директните конкуренти, на крајот одлучуваа и „тај-брејк“ параметрите поради изедначеност со бројот на поени. Така, ВМ Станојоски извојува многу значајна победа над ФМ Емил Ристески играјќи ја острата варијанта на сицилијанската одбрана, популарно наречена „змаевка“. Наспроти ова ФМ Андреј Велјаноски имаше полесна ждрепка против младиот Никола Бошковски, па се чекаше крајот од партијата меѓу Филип Михов и ИМ Никола Николовски која траеше повеќе од четири часа. Во обостран цајтнот и двајцата играчи добија шанси за победа, за конечниот пресврт да биде во корист на ИМ Николовски. На тој начин водечкиот Михов кој претходно според дополнителниот критериум (Бухолц) ја предводеше групата на играчи со ист број поени, беше елиминиран од трката за првото место.

Во конечната табела на врвот се најдоа тројца играчи со по 7,5 поени од 9 партии, а на крај согласно дополнителните критериуми, сосема заслужено, шампионската титулата ја понесе ВМ Звонко Станојоски (шест победи и три реми), пред Велјаноски и Николовски.

„Мислам дека беше едно од поинтересните првенства, поради масовноста и поради учеството на млади играчи. Се играше доста борбено, немаше таканеречени „салонски ремија“. Пресреќен сум со освоеното прво место, го посакував и сметам дека играв сериозно, на победа“,- изјави Станојоски, кој по осми пат стана државен првак.

Никола Бошковски од младинскиот тим на ШК Алкалоид беше прогласен за најдобар играч до 18 години, додека неговиот клубски колега, Христијан Цакончев ја освои наградата за најдобар играч во категоријата до 1800 рејтинг.

ЖФМ Моника Стојковска исто така со победа ја финишираше својата кампања на турнирот во женска конкуренција, совладувајќи ја Бонита Јакомовска за да стигне до 7 поени. Идентичен број поени собра и Ивана Манова, но бидејќи дамите играа според Бергеров систем, како прв дополнителен критериум беше пропишан резултатот од директниот дуел, во кој минатогодишната шампионка беше поуспешна и со тоа ја одбрани титулата.

„Одбраната на титулата ми претставуваше предизвик бидејќи новите генерации шахистки покажаа потенцијал што ја прави конкуренцијата поинтересна, и турнирот понепредвидлив. Но, затоа, потешко освоената титула ми е подрага!“ - истакна најдобрата македонска шахистка.