Сезона на комарци и крлежи кои носат ризик од заразни болести - Доктор Даниловски со стручно појаснување

По појавата на нови случаи на заболувања што ги пренесуваат комарци и крлежи, професорот д-р Драган Даниловски порачува дека нема место за паника, но дека е потребно внимателно следење на состојбата.

Според него, климатските промени не создаваат нови заразни болести, туку ги менуваат условите во кои тие можат да се појават и да се шират.

„Повисоките температури, поблагите зими и подолгите топли сезони ја зголемуваат активноста на комарците и крлежите, но тие се само еден од факторите што влијаат на ризикот“, посочува Даниловски.

Тој нагласува дека Западнонилската треска е меѓу најзначајните заболувања што ги пренесуваат комарците во Европа и се регистрира и во Македонија, но појавата на поединечни случаи не значи дека има епидемија.

Во однос на Лајмската болест, Даниловски објаснува дека не секој убод од крлеж доведува до инфекција, бидејќи крлежот мора да биде заразен и доволно долго прикачен за да ја пренесе бактеријата.

Тој препорачува граѓаните да користат репеленти, да носат соодветна облека при престој во природа, да го проверуваат телото по враќање од шума или ливада и да ја отстрануваат застојаната вода околу домовите, како мерки за намалување на ризикот од заразување.

„Колку светот станува посложен, толку повеќе ни е потребен епидемиолошкиот начин на размислување – правилно да процениме што навистина претставува ризик, а што не“, заклучува професорот Даниловски.

„Климатските промени, глобализацијата, урбанизацијата и промените во екосистемите постепено ја менуваат географијата на заразните болести. Но тие не ја укинуваат потребата од рационална проценка на ризикот. Напротив. Колку светот станува посложен, толку повеќе ни е потребен епидемиолошкиот начин на размислување. За правилно да процениме што навистина претставува ризик, а што не“, појаснува познатиот доктор.