Северна Македонија се соочува со неповолни демографски трендови

Актуелните демографски трендови во РС Македонија не се поволни. Државата се соочува со негативни демографски движења и тоа се манифестира со пораст на емиграцијата во странство, рече ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза” во Скопје, Изет Зеќири, на Меѓународната конференција за миграцијата насловена „Луѓе во движење, државјанство, идентитет и развој“.

Според ректорот Зеќири, демографскиот потенцијал на една држава е главниот предуслов за развој и креирање на какви било политики и проектирање на иден економски, политички, образовен, здравствен и друг развој. Тој посочи и дека населението е еден од најважните фактори на општеството, на економскиот развој на секоја земја. Населението како што истакна ректорот има големо значење за обемот, структурата и развојот не само на производството туку и на целокупната општествена економска активност на една земја.

– Денеска во Северна Македонија има краеви во кои возрасната група над 65 години и повеќе учествува со над 20 проценти на вкупното население, а младото население до 20 проценти што е алармантна ситуација. Во областа на економијата стареењето влијае врз економскиот раст, штедењето, инвестициите, производството, работната сила, пензиите, даноците. Во социјална смисла стареењето влијае и врз структурата на семејството и уредување на животот, побарувачката на домаќинствата, миграциските трендови, епидемиологијата и здравствената заштита, рече Зеќири.

На конференција се обрати и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, која истакна дека преку подобрување на условите за странски работници и поедноставување на законските процедури, државата придонесува во намалувањето на дефицитот на работна сила

– Во контекст на нашата држава според статистика на ОН се проценува дека во периодот меѓу 1990 и 2019 година, повеќе од 200.000 Македонци заминале во странство за подобар живот, со што вкупното иселување достигна неверојатни 32% од вкупното население, посочи министерката.

Според Тренчевска, пазарот на труд во државата функционираше сосема добро во минатата деценија.

– Иако стапката на учество бавно растеше, стапките на вработеност и невработеност покажаа значајни подобрувања. Стапката на вработеност (15-64) порасна од 44% во 2011 година на 54,7% во 2019 година, додека стапката на невработеност (15-64) опадна од 31,9% на 17,5% во истиот период. Младите, кои се соочуваа со разни пречки на пазарот на труд, сега се соочуваат со поповолни услови, кои сепак се далеку од условите што постојат во ЕУ-27. Стапката на невработеност на младите опадна од 55,5% во 2010 година на 35,8% во 2019 година, рече Тренчевска.

Заменик министерот за образование и наука Љулзим Алиу, кажа дека стратешка цел на Владата и на Министерството за образование и наука е преку инвестиции во квалитетно образование да поттикнеме побрз, поинклузивен и поодржлив економски раст. Искуствата од развиените земји кон кои се стремиме, според Алиу покажуваат дека квалитетното образование ги зголемува примањата во текот на животот и е едно од трите клучни сегменти, заедно со здравството и социјалната заштита, кои влијаат на квалитетот на живот, а со тоа и го намалуваат одливот на мозоци.

За да се обезбеди квалитетно образование, споредливо со она од земјите со докажани образовни системи, се одвива темелна реформа на деветтолетката која, како што посочи заменик министерот, има за цел учениците во текот на основното образование да стекнат вештини за критичко размислување и решавање проблеми.

– Инвестиции во образованието и создавање стручен кадар кој е брзо вработлив, се клучни барања што ги слушаме од младите. Затоа правиме промени и во средното стручно образование кои овозможуваат изучување на струки кои ги бараат компаниите. Преку учење низ практична работа во реални производствени услови, им овозможуваме на младите луѓе да стекнат компетенции, знаења и вештини кои ги прават поконкурентни на пазарот на труд, но исто така овозможуваат проодност кон универзитетите, рече Алиу.

Конференцијата е организирана во партнерство со Универзитетот во Сасари-Италија, Универзитетот во Приштина-Косово, Универзитетот „Свети Апостол Павле“ од Охрид и невладината организација „Легис“ од Скопје.